Семејството на убиениот од Ореше ја бара вистината
Петок, 7 јуни 2013 – Семејството на убиениот од с.Ореше незадоволно од ослободителната пресуда која денеска ја подигнаа од судот во Велес. „Не е вистина дека не се познати убијците на дедо ми“, вели внуката на застреланиот 71-годишен Лазо Милошевски.
Според Соња Арсовска, внука на убиениот, постојат сомнежи дека се работи за малверзации.
„Како на нарачателот веднаш на рака му беше доставена пресудата, тој дури се пофали, како што се пофали и пред три дена пред да ја добијат и славеле. Не погодува многу, толку многу го сакам мојот дедо што овие пресуди кои ги имаме не ми значат ништо. Ова е само формално што го имаме, процесот за мене ништо не значи и не ми значи ништо од овие пресуди. Ова е само продолжеток на голготата што ние ја поминуваме од првиот ден на убиството па до сега“, изјави Арсовска.
Браќата, Ордан и Љупчо Ѓеоргиевски и и наводниот платеник, нашинецот од Америка Ѓоре Петровски најпрвин беа осудени на по 12 години затвор за убиство обвинетите, а на третото повтореното судење тие добија ослободителна пресуда. Заштитениот сведок направи пресврт во случајот кога се одлучи јавно да проговори и да го промени исказот со образложение дека се што кажал лажел под закана, па по тоа сведочеше во корист на обвинетите. Внуката на Милошевски е револтирана од ваквиот исход и се сомнева во работата на институциите на правдата.
Пред десетина дена судијата, поранешниот истражен судија, обвинителот, судија од врховен суд, адвокат, новинар и посредници беа уапсени во рамки на полициската акција „Ликвидација“ како осомничени за криминални дела поврзани со овој предмет и уште неколку други судски процеси.
Па апсењето, обвинетите од „Ореше“ одржаа прес-конференција на која ја раскажаа својата верзија. Ордан Ѓеоргиевски, мотивот на според него монтираниот случај, го гледа во неговото откритие за даночно затајување кај фирма во 2005 година кога бил дел од службите на МВР.