/ Прочитано:

1.132

Семинар во Академијата за судии и јавни обвинители посветен на правото на Енергетската заедница

Денес во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се одржа првиот семинар наменет за националните судии, а посветен на правото на Енергетската заедница.
Семинарот го организираше Академијата за судии и јавни обвинители во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница. На семинарот присуствуваа претставници од правосудните академии на Србија, Црна Гора, Грузија, Молдавија, Косово и Албанија, како и претседателот на Уставниот суд, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата, судии од Уставниот суд, судии од Вишиот управен суд и од Управниот суд, судии од Апелациониот суд Скопје, судии од Граѓанскиот суд Скопје, адвокати, професори од правните факултети од земјата, како и претставници од други релевантни институции.
Националните судии на земјите потписнички на Договорот за основање на Енергетска заедница речиси и да не се информирани за постоењето на Енергетската заедница и не го применуваат правото на Енергетската заедница.
Имено, значењето на законодавството на Енергетската заедница за националните судии на договорните страни забрзано се зголемува. Денешниот настан е во насока на јакнење на свеста и знаењето за ЕУ-законодавството за Енергетската заедница во делот на енергетиката, животната средина и пошироко.
Со воведно обраќање до присутните настанот го отвори проф. д-р Наташа Габер-Дамјановска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, која се заблагодари за големиот интерес за темата која не е доволно позната, а сепак актуелна и исклучително значајна за напредокот на нашата земја и приближувањето кон ЕУ. Академијата ја прифати поканата од страна на Секретаријатот на Енергетската заедница и е подготвена активно да партиципира во понатамошните активности во соработка со Секретаријатот сѐ со цел обврските содржани во Договорот за основање на Енергетската заедница да бидат доследно имплементирани од страна на судиите во Република Северна Македонија.
На настанот со поздравно обраќање се обрати и заменик-министерот за економија, Кирил Колемишевски, кој изрази задоволство што токму Република Северна Македонија е земјата во која се организира првиот семинар за судии посветен на енергетиката. Тој истакна дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за економија ги следат случувањата на европската сцена и вложуваат големи напори во соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница за целосна хармонизација на националното законодавство со ЕУ-легислативата. Тој спомена дека во моментов во собраниска процедура се наоѓа и Предлог-законот за енергетска ефикасност, со кој ќе се заокружи процесот на реформи кој започна со усвојување на новиот Закон за енергетика во 2018. Организацијата на овој настан и вклучувањето на обука наменета за судии за правото на Енергетската заедница, животна средина и конкуренцијата се навистина значајни за брзиот развој на нашата држава во овие области.

Претставникот на Енергетската заедница, Розета Карова, потсети на важноста од познавањето на легислативата од оваа област, која е задолжителна за Република Северна Македонија. Според неа, запознавањето со содржината на законодавството на Енергетската заедница и обврските што произлегуваат од Договорот се значаен исчекор напред за правосудниот систем на Република Северна Македонија, но и за другите земји од регионот. Енергетската заедница е отворена за соработка и им нуди поддршка на договорните страни во процесот на воведување, обука и применување на правото на Енергетската заедница. Таа посебно ја истакна можноста за соработка на судиите со Секретаријатот на Енергетска заедница врз основа на членот 2 од Правилата за решавање на спорови на Енергетска заедница. Врз основа на овој член судиите на Република Северна Македонија имаат право да побараат стручно правно мислење од Секретаријатот кога решаваат случаи од областа на енергетиката, а кога станува збор за интерпретација на концепт од правото на Енергетската заедница.
Свое обраќање на семинарот имаа и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, и претседателот на Комисијата за заштита на кoнкуренција, Владимир Наумовски, кои информираа за нивните активности и за соработка со институциите на Енергетската заедница.
Првиот регионален состанок за претставниците на институциите задолжени за спроведување на обуки во правосудството на договорните страни се одржа на 21 ноември 2019 година во Скопје.
На состанокот беа идентификувани можностите за соработка помеѓу националните судии и Секретаријатот, а воедно беа дадени и предлози за реализација на конкретни обуки.