/ Прочитано:

879

Семинар за судска соработка во граѓанската материја во ЕУ

Понеделник, 14 јануари 2013 – Академијата за судии и јавни обвинители во рамките на соработката со Европскиот центар за судии и правници при Европскиот институт за јавна администрација (EIPA) од Луксембург, организира дводневен семинар на тема: „Судска соработка во граѓанска материја во ЕУ“, кој ќе се одржи денеска и утре, во просториите на Академијата.

Во рамките на овој семинар како дел од нововоспоставената практика, Академијата за судии и јавни обвинители ќе биде домаќин на судии од Република Хрватска кои постапуваат по предмети од граѓанска материја.

Учеството на судиите од Република Хрватска е резултат на соработка помеѓу Академијата за судии и јавни обвинители и Правосудната Академија на Република Хрватска, во чии рамки на 4 и 5 октомври 2012 година, судии од Република Македонија присустуваа на семинар кој се одржа во Загреб, Република Хрватска, а беше посветен на темата: Судска соработка во кривична материја, соопштуваат од Академијата.           

Целта на овој семинар е запознавање и презентирање на правото на ЕУ во област на судската соработка во граѓанска материја, конкретно, парничната постапка во ЕУ, со посебен осврт на релевантните алатки кои се применуваат во ЕУ, како и семејното право во ЕУ. Излагања поврзани со темата на семинарот ќе имаат домашни и странски излагачи.

Семинарот со воведно обраќање до присутните ќе го отворат директорот на Академијата за судии и јавни обвиннители, Анета Арнаудовска и Петра Џени, експерт од Европскиот центар за судии и правници при Европскиот институт за јавна администрација (EIPA) од Луксембург.

Семинарот се реализира во рамките на Луксембуршка Програма за Техничка Помош за Република Македонија “Право на ЕУ за Правосудство II”, која е поддржана и финансирана од Министерство за надворешни работи на Луксембург.

Од Академијата за судии и јавни обвинители велат дека ќе се продолжи со практиката на организирање на заеднички семинари со земјите од Регионот при што е предвидено да се одржи уште еден семинар на кој ќе присуствуваат и судии од Република Србија.