СЕММ: Новинарите се должни да ги почитуваат вредностите на својата професија и да не поттикнуваат насилство
„Нè очекува бурен период на политичка кампања и тензии пред претстојните локални избори, па СЕММ повикува на максимална одговорност во вршењето на јавните професии. СЕММ исто така апелира до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество“, се наведува во соопштението на Советот за етика во медиумите.
Советот за етика во медиумите на Македонија најостро ги осудува сите облици на физички пресметки во кои се инволвирани новинари и апелира на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци.
Во соопштението наведуваат дека новинарите се должни да ги почитуваат вредностите на својата професија, да не поттикнуваат насилство ниту со своето пишување, ниту со своето однесување и никогаш да не заборават дека нивното најсилно оружје е зборот.
„Нè очекува бурен период на политичка кампања и тензии пред претстојните локални избори, па СЕММ повикува на максимална одговорност во вршењето на јавните професии. СЕММ исто така апелира до медиумите на посериозен пристап во известувањето, односно јавниот интерес да биде главен услов при селекцијата на темите што се презентираат на публиката. Освен информативна, медиумите имаат и едукативна улога, тие треба да го збогатуваат јавниот дискурс, да влијаат на негово култивирање, а не на спуштање на нивото на јавната комуникација и креирање атмосфера што не доликува на едно современо демократско општество“, се наведува во соопштението на Советот за етика во медиумите.
СЕММ истовремено потсетува дека пред последните парламентарни избори голем дел од медиумите ја потпишаа Повелбата за етичко известување на Советот за етика. Во текстот на Повелбата е наведено:
Ние, новинарите, уредниците и раководството на медиумите, почитувајќи го правото на јавноста да биде објективно, вистинито и навремено информирана и имајќи целосна одговорност и свесност за улогата на медиумите околу претстојните парламентарни избори во државата, ја прифаќаме оваа Повелба и сме согласни дека во работата на нашите медиуми ќе се почитуваат следниве принципи:
Принципите на вистинитост и објективност
– Што подразбира потрага по вистината и коректно известување, преку пренесување на фактите на јасен и недвосмислен начин. Во случај на објавување погрешни информации, медиумот ќе стори сè за да ги коригира таквите информации.
Принципот на избалансираност
– Што подразбира претставување на различните ставови и гледишта во вистинскиот контекст и без заземање страна кон кој било кандидат, партија или коалиција.
Принципот на јасна дистинкција меѓу информациите и коментарите
– Што подразбира дека информациите ќе се обликуваат на начин што на публиката ќе ѝ биде јасна разликата меѓу фактите и гледиштата и мислењата.
Принципите на чесност и независност
– Што подразбира дека медиумот ќе користи чесен пристап во добивањето информации и во нивното презентирање, избегнувајќи сензационалистички прикази на темите и настаните, како и погрешни претпоставки кои би можеле да ја доведат јавноста во заблуда.
Принципот на професионална солидарност
– Во својата работа медиумот ќе ги поттикнува заемната солидарност и различноста на ставовите и нема да дејствува на начин што ќе значи пресметка со другите медиуми и колеги.
Принципот на уредувачка независност и професионален интегритет
– Медиумот се обврзува да известува на начин што ќе биде независен од какви било лични гледишта, надворешни интереси и влијанија што би можеле да ги поткопаат уредувачката независност и професионален интегритет.
Принципот на почит и толерантност
– Што подразбира почит на достоинството, угледот, правата и личниот интегритет на поединците во информирањето на јавноста. Медиумот во своето известување нема да се служи со стереотипи, предрасуди и потценување по која било основа и нема да се служи со говорот на омразата и потпалувачки говор.
Принципот на слобода и одговорност
– Што подразбира дека слободата им наметнува одговорност на медиумите за формата и содржината на пораките што ги упатуваат кон јавноста и последиците кои произлегуваат од нив врз поширокото општествено опкружување.
Потписниците на оваа Повелба се согласни дека ќе се придржуваат до нејзините принципи и активно ќе се залагаат за афирмирање на етиката и професионалноста во известувањето.
А. Б.