/Прочитано:

855

СЕНТЕНЦИ НА ВИШИОТ УПРАВЕН СУД

Вишиот управен суд објави сентенци од специјализираниот судски Оддел за имотно-правна област и други права, специјализираниот судски Оддел за пензии, права од пензиско и инвалидско осигурување и други права, сентенци од специјализираниот судски Оддел за финансиски, царински, даночни и други права.

slika

Усвоените сентенци се објавени во рамките на Билтенот број 10 на Вишиот управен суд:

„Не може да се бара бришење на запишаното право во Катастарот на недвижности, без притоа да се наведе со која потврда е извршено запишувањето, чие бришење се бара, а истовремено да се бара поништување на потврдата.“

„Тужениот орган требал да ја определи вредноста на имотот според намената која земјиштето  ја имало во време на одземањето.“

„Вишиот управен суд смета дека повторувањето на постапката според наведениот член 43 став 1 точка 1 од Законот за управните спорови е можно само во случаите кога во постапката за управен спор пред Управниот суд истиот согласно одредите од наведениот закон одлучувал на јавна расправа, односно само во случаите кога судот самиот утврдувал факти и изведувал докази на кои ја засновал својата одлука.“

„Управниот суд не ја применил одредбата од член 125-а од Законот за парнична постапка која е во примена од 09.09.2011 година, каде е наведено: Доставувањето  на  писмената  на  адвокати,  државни  органи,  односно  органи  на државната управа, единици на локална самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско  сандаче. Согласно член 126-а став 1 од Закон за парнична постапка доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата.“

„Правото на меѓусебно издржување помеѓу маж и жена кои живееле во вонбрачна заедница и во ситуација кога постоењето на истата е утврдено со пресуда на редовен суд, но без утврдено право на издржување, согласно одредбите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, не претставува основ за остварување на семејна пензија преку покојниот корисник на пензија.“

„Вишиот управен суд смета дека жалбениот навод на тужителите во однос на предлогот за прекин на прекршочната постапка согласно член 147 од Законот за општата управна постапка, а во врска со член 66 од Законот за прекршоци, е неоснован. Имено, во прекршочната постапка се утврдува дали постои противправното дело кое со закон е определено како прекршок, а утврдувањето на самата даночната обврска по основ персонален данок и ДДВ е друга постапка во која се донесуваат одлуки кои по нивната правосилност можат да се користат при поднесување на одредени правни лекови предвидени во закон. Судот, смета дека прекршочната постапка не треба да се прекине се до завршување на постапката за утврдување на даночната обврска која е предмет на друг управен спор. Судот, ја уважи жалбата на тужителите, прифаќајќи го истакнатиот приговор за застареност, а имајќи го во предвид описот на прекршокот и времето на сторување на истиот.“

„Управниот суд правилно одлучил кога констатирал дека во конкретниот случај не се работи за основано право на тужителот како даночен обврзник за враќање на повеќе или погрешно наплатени даноци и други јавни приходи, од причина што во овој случај тужителот како даночен обврзник не се јавува директно како даночен должник, односно истиот не извршил погрешна уплата на парични средства заради наплата на даноци или други јавни приходи на име на Управата за јавни приходи, туку се работи за парични средства кои биле уплатени на сметка на Здружение на граѓани.“

„Нема основ за примена на член 83 став 1 од Законот за даноци на имот, од причина што не се работи за погрешно или повеќе уплатен данок на промет на недвижности. Напротив, тужителот по друг основ и по одреден временски период по настанот во граѓанска постапка за вонсудско порамнување го раскинал предметниот договор што не претставува правен основ за поврат на претходно уплатени средства по поднесена пријава по која е донесено решение за утврдување данок на промет на недвижности.“

„Во конкретниот случај, не се доведува во прашање постоење на полиса за осигурување од штета на АД Осигурителна полиса, која е со важност во време кога е продолжена важноста на лиценцата за стечаен управник на тужителот. Од ова произлегува дека согласно законот, прво се добива лиценца за стечаен управник издадена од надлежното министерство, а потоа следи задолжението за доставување на полиса за осигурување од штета.“

Сентенците и образложенијата во целост