Сентенци на Врховниот суд по правен основ парнична постапка
Врховниот суд на РМ објави сентенци по правен основ парничка постапка, а во врска со постапување на судот по одлука за повторување на постапка, дозволеност на ревизија и застареност на побарување по основ на наплатена јавна давачка.
- Постапување на судот по одлука за повторување на постапка
Сентенца: Кога првостепениот суд дозволил повторување на постапката, ќе ја укине својата одлука, како и одлуките на повисоките судови ако такви одлуки постојат.
Образложение: Ревизијата е основана. Основан е наводот во ревизијата за сторена суштествена повреда од член 343 став 1 во врска со член 2 од Законот за парнична постапка, односно дека првостепениот суд со решението со кое го уважил предлогот на тужениот за повторување на постапката, пропуштил во целост да одлучи по предлогот на тужениот…Сентенцата во целост.
- Дозволеност на ревизија
Сентенца: Ревизијата изјавена против решение на второстепениот суд со кое е потврдено решението на првостепениот суд, со кое се огласил за стварно ненадлежен суд да постапува по тужбата на тужителот и определил по правосилноста на решението предметот со сите списи да се достави до стварно надлежниот суд, е недозволена бидејки со тоа решение постапката не е правосилно завршена.
Образложение: Ревизијата е недозволена. Согласно член 391 став 1 од Законот за парнична постапка, странките можат да изјават ревизија и против решение на второстепениот суд со кое постапката правосилно е завршена, во спорови во кои ревизијата би била дозволена против второстепена пресуда…Сентенцата во целост.
- Застареност на побарување по основ на наплатена јавна давачка
Сентенца: Парично побарување по основ на наплатена јавна давачка не претставува побарување за извршена услуга од договор за промет на стоки и услуги и застарува за пет години според општиот рок на застареност, доколку со друг закон не е определен некој друг рок за застареност.
Образложение: Ревизијата е основана. Имено, судовите утврдиле дека помеѓу тужителот и првотужениот на 22.03.2005 година, бил склучен договор за извршување на работи во врска со наплатата на надоместокот за користење на јавните патишта, во кој во член 1 стои дека предмет на договорот е наплата на патна такса, односно надомест за употреба на јавните патишта, која е приход на тужителот и која се наплаќа при регистрација на возилата…Сентенцата во целост.
М.В