/ Прочитано:

1.154

СЕП го објави Деталниот фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9

„Деталниот фактографски извештај за имплементацијата на Планот 3-6-9 точно на полноќ беше објавен на веб-страницата на Секретаријатот за европски прашања www.sep.gov.mk и може директно да се преземе на следниот линк https://goo.gl/BqGvVt“, информираат од СЕП.

Во изминатите девет месеци Македонија успеа да испорача исклучително продуктивна реформска агенда. Доказ за ова, велат од СЕП, е успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9, т.е. реализирани се преку 90 % од предвидените реформи и 100 % од неговата суштина – Македонија се врати на евроатлантскиот пат.

Планот 3-6-9 беше усвоен во јули минатата година, по изгласувањето на новата Влада, со цел да обезбеди трасирање на патот, односно да го одмрзне реформскиот процес во Република Македонија и да ја врати државата на евроатлантскиот пат, и беше поделен на три дела, според рочноста во која се имплементираа реформите. Неговиот прв дел – делот три беше финализиран со одржувањето фер, слободни и кредибилни избори во ноември минатата година, додека делот шест заврши со излегувањето на Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западен Балкан 2025.

Делот девет,  т.е. севкупно Планот 3-6-9, завршува денеска, односно со излегувањето на Извештајот на Европската комисија. Во согласност со испорачаните резултати, т.е. успешното спроведување и реализацијата на Планот 3-6-9, Планот треба да биде крунисан со најдобриот извештај за Република Македонија досега и со чиста и безусловна препорака за преговори со Унијата.

Со завршувањето на Планот 3-6-9 не завршуваат реформите, напротив оваа реформска агенда ќе продолжи и во иднина, во насока на имплементација на процесите што произлегуваат од шесте водечки иницијативи на Стратегијата 2025 на Комисијата, како и од сугестиите, коментарите, забелешките кои ги очекуваме во денешниот Извештај на Комисијата.

М.В