Информации

Барање за издавање на одобрение за подготвителни работи

За изградба на градби по потреба можат да се изведат подготвителни работи. Подготвителни работи се вршат по добиено одобрение за подготвителни работи. Инвеститорот поднесува писмено барање за добивање на одобрение за подготвителни работи. Со одобрението за подготвителни работи се организира градилиштето со поставување на градби, кои се во функција на изградбата на градбата.

Градби за вршење на подготвителни работи се:

  • ограда за оградување на градилиштето,
  • асфалтна база, сепарација на агрегати, погон за производство на бетон,
  • далновод и трансформаторска станица која е потребно да се изгради заради напојување на градилиштето со електрична енергија,
  • инсталација за довод и одвод на вода,
  • градби за сместување на работници и за градежни производи,
  • магацини за складирање на запаливи течности и експлозивни средства и
  • други градби кои се потребни за изградба на градбата.

Градбите се од времен карактер и не се предвидуваат со урбанистички план, а изведувачот е должен да ги отстрани и земјиштето соодветно да го уреди најдоцна до поднесувањето на барањето за одобрение за употреба.

Потребни документи

  • Барање за издавање на одобрение за подготвителни работи;
  • проект за подготвителни работи (во три примерока);
  • доказ за регулирање имотно-правни односи за земјиштето и
  • доказ за уплатени административни такси во износ од 2500 денари за прва категорија или 1500 денари за втора категорија.