Информации

Биро за јавни набавки
Палата „23 Октомври“ ул. Даме Груев бр.12 2-кат, 1000 Скопје, Република Македонија
тел. +389 2 3255 689

Биро за јавни набавки

Бирото за јавни набавки е формирано како орган во состав на Министерството за финансии со својство на правно лице.

Тоа функционира како единствен централен орган без подрачни единици. Неговото формирање претставува важен момент во унапредувањето на системот на јавни набавки кој насекаде во светот е многу динамичен и постојано се менува. Токму оваа негова карактеристика, но и фактот што јавните набавки се битен сегмент од јавната потрошувачка во стопанството, ја наметна потребата од создавање на вакво тело кое на секојдневна основа ќе ја следи имплементацијата на Законот за јавни набавки и ќе дава насоки за подобрување на системот. Република Македонија не е единствена која има некој облик на агенција за јавни набавки. Општ тренд е земјите од Источна и Југоистична Европа да креираат вакви органи, вклучувајќи ги тука и новите земји-членки на ЕУ (Полска, Словачка и други), а тоа е препорака и на Светска банка и други меѓународни институции и организации кои имаат долга традиција на јавни набавки. Целиот опфат на надлежности на Бирото се регулирани со Законот за јавни набавки.

Јавните набавки претставуваат процес на користење јавни средства од страна на одреден јавен орган, заради добивање надворешни ресурси, најчесто од комерцијални понудувачи. Со цел да се регулира ваквиот процес, а како дел од реформата на јавниот сектор и во однос на нашето идно членство во ЕУ, Македонија усвои модерен Закон за јавни набавки, кој е усогласен со директивите на ЕУ.

Законот за јавни набавки ги уредува сите главни аспекти на активностите за набавки на владините и јавните органи, и им обезбедува механизми со кои им се овозможува остварување на најдобрата вредност за вложените пари при набавка на стоки, услуги и работи. Тој ги дефинира главните методи на јавните набавки и фазите при нивна примена.