Информации

Управа за јавни приходи на РМ
Генерална дирекција
бул. Кузман Jосифовски-Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел.
+389 (2) 3299 500; 075/346 986
Факс
+389 (2) 3281 010
Email:
info@ujp.gov.mk
Инфо центар:
0800 33 000
Пријави неправилности::
198
Работно време
од понеделник до петок
од 08:30 до 16:30 часот Регионални дирекции

Даночно ослободување и поттикнување

Даночни ослободувања во земјата без право на одбивка на предходниот данок

Во даночни ослободувања во земјата без право на одбивка на предходниот данок спаѓаат:

  • прометот на станови и станбени згради, во оној дел во кој истите се користат за станбени цели, со исклучок на првиот промет кој ќе се изврши во период до пет години по изградбата;
  • изнајмување станбени објекти и станови, доколку истите се користат за станбени цели;
  • промет на поштенски и таксени марки по нивната номинална вредност, коверти, поштенски картички, контролни маркици (бандероли);
  • поштенски услуги на Македонската пошта;
  • банкарски и финансиски промет;
  • услуги на осигурување и реосигурување;
  • игри на среќа и забавни игри;
  • прометот од установите што вршат дејност од областа на културата со непрофитна цел за културните услуги и добра непосредно поврзани со тие услуги во согласност со прописите од областа на културата и прометот од ботанички градини, животински паркови, паркови, архиви и документациони центри;
  • влезници за јавни настани кои се од национален интерес од областа на културата, а кои јавни настани како такви се утврдени и се финансираат преку годишната програма за остварување на националниот интерес во културата за годината во која се одржува јавниот настан донесена од Министерството за култура;
  • услуги на радио-дифузни и телевизиски станици, освен нивните комерцијални дејности;
  • здравствени услуги на болници, клиники, здраствени домови, медицински и хемиски лаборатории за дијагностика, центри за рехабилитација и други слични установи;
  • услуги и промет на добра од страна на установи за социјална грижа и заштита, како и услуги на домови за хоспитализирање, нега и лечење на стари лица;
  • услуги во рамките на згрижување и надзор на деца и младинци, како и со нив тесно поврзан промет на добра;
  • услуги во рамките на сместувањето на деца и младинци, и со нив тесно поврзан промет на добра
  • услуги на доктори, стоматолози, забни техничари и други медицински професии, како и испорака на забни протези од страна на стоматолози и забни техничари;
  • превоз на болни и повредени лица со специјални возила;
  • промет на човечка крв, мајчино млеко, човечки органи, клетки и ткива;
  • образовни услуги;
  • услугите на погребални институции и крематориуми и прометот на добра поврзан со вакви услуги;
  • меѓународен превоз на патници;
  • употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (патарина); и
  • промет на добра и користење на истите за кои било исклучено правото на одбивка на претходните даноци при нивната набавка, нивното производство или нивниот увоз.

Даночни ослободувања во земјата со право на одбивка на предходниот данок

Во даночни ослободувања во земјата со право на одбивка на предходниот данок спаѓаат:

  • испораки на добра во странство, ако примателот на добрата е со седиште во странство;
  • прометот на добра кои се превезуваат или испраќаат во слободни зони, царински зони или царински складови;
  • услуги поврзани со извозот, увозот или транзитот на добра;
  • работи на движни материјални добра кои биле набавени или увезени во земјата за таа цел и потоа биле извезени;
  • услуги од страна на посредници за дејностите ослободени од ДДВ со право на одбивка;
  • прометот на злато и други благородни метали спрема централни банки;
  • прометот, модификацијата, поправката, одржувањето, чартерингот и изнајмувањето на летала кои се користат главно во меѓународниот комерцијален воздушен сообраќај, како и испораката, изнајмувањето, поправката и одржувањето на добрата кои служат за опремување на леталата;
  • промет на добра и услуги кој служи за подмирување на непосредните потреби на леталата;
  • меѓународниот воздушен превоз на патници во воздушниот сообраќај; и
  • прометот на добра и услуги наменети за реализација на проект кој е финансиран со парични средства добиени врз основа на договор за донација, склучен меѓу Република Македонија и странски донатори, ако во тој договор е предвидено дека со добиените парични средства нема да се плаќаат даноци. Кај проектите кои се финансирани во рамки на инструментот за претпристапна помош (ИПА) и се спроведуваат во услови на децентрализирано управување, даночното ослободување се однесува и за делот на средствата од национално кофинансирање обезбедено од Буџетот на Република Македонија и тоа од сопствени средства или од други извори на финансирање.

Даночни ослободувања при увозот

Во даночни ослободувања при увозот (за користење на ова ослободување треба да се консултираат и царинските прописи) спаѓаат:

  • добра чиј промет е ослободен од ДДВ во земјата без право на одбивка, како и златото и другите благородни метали спрема централни банки, летала кои се користат во меѓународниот воздушен комерцијален сообраќај, добра кои служат за опремување на леталата и добра за подмирување на непосредните потреби на леталата;
  • добра кои во рамките на транзитна царинска постапка се движат од едно до друго место во царинското подрачје на Република Македонија;
  • добра, кои повторно се увезуваат во непроменета состојба како при нивниот привремен извоз;
  • добра кои се увезуваат од страна на шефови на странски држави и претставници на шефови на странски држави, како и членови на нивната придружба за нивни службени потреби и за лична употреба; од страна на меѓународни и меѓудржавни организации со седиште во РМ за нивни службени потреби; од страна на дипломатски и конзуларни претставништва на странски држави во РМ за нивни службени потреби; од страна на шефови на странски дипломатски претставништва во Република Македонија и дипломатскиот персонал и членовите на нивните потесни семејства за нивна лична употреба; од страна на конзуларниот персонал на странските конзуларни претставништва во Република Македонија и членовите на нивните потесни семејства за нивна лична употреба и од страна на персоналот на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Република Македонија, за предмети за домаќинство увезени во рок од 12 месеца од денот на нивното доаѓање во Република Македонија;
  • добра кои се ставаат на увид на царински орган (привремено чувани добра); добра кои се внесуваат во слободна зона или слободен склад и добра кои се ставаат во постапка на царинско складирање или царинска постапка на увоз за облагородување според системот на одложено плаќање. Ослободувањето може да се оствари ако добрата не се пуштени во слободен промет, односно не се наменети за крајна потрошувачка.
  • добра наменети за продажба во слободни царински продавници на аеродромите, отворени за меѓународен воздушен сообраќај под услов патниците истите да ги изнесат како багаж во дозволени количини во други држави со авион;
  • патници кои доаѓаат од странство, за предмети наменети за нивни лични потреби за време на патувањето во странство (личен багаж);
  • домашни патници за други предмети со мала вредност кои ги внесуваат од странство, а кои не се од комерцијална природа, освен тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалоци, како и парфеми и тоалетни води;
  • државјани на Република Македонија и странски државјани, за предмети од некомерцијална природа со мала вредност испратени од странство од физички лица, освен тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалоци, парфеми и тоалетни води;
  • државјани на Република Македонија и странски државјани за лекови за лична употреба што ги носат со себе или ги добиваат во пратки од странство;
  • возачи на моторни возила и мотоцикли, за гориво и мазиво кое се наоѓа во резероари кои се фабрички вградени во моторните возила и мотоцикли;
  • државјани на Република Македонија и странски државјани за лични предмети кои ги наследиле во странство, освен алкохол и алкохолни пијалоци, тутун и преработки од тутун, комерцијални моторни возила, предмети за употреба при вршење на трговија или професионална дејност кои ги употребувал починатиот при вршење на трговската или професионалната дејност, залихи на суровини и готови или полуготови производи и живи животни и земјоделски производи кои ги надминуваат количините кои се соодветни за вообичаените семејни потреби;
  • државјани на Република Македонија, кои живеат во пограничниот појас, за растителни и животински производи (предмети) добиени на сопствените имоти во пограничниот појас на соседна држава, како и за подмладок и други производи стекнати од стоката што ја имаат на тие имоти заради полски работи, паша или презимување;
  • државјани на Република Македонија и странски државјани за одликувања, медали, пехари, споменици и слични предмети од симболичен карактер добиени во странство на натпревари, изложби и приредби од меѓународно значење, освен алкохолни пијалоци, тутун и производи од тутун;
  • научници, книжевници и уметници за сопствените дела што ги внесуваат од странство;
  • државни органи или регистрирани хуманитарни или добротворни организации, за добра кои бесплатно ги увезуваат, а кои се наменети за бесплатна поделба на жртвите од природни или други непогоди или за добра кои остануваат во сопственост на тие организации, а кои се наменети за бесплатно ставање на располагање на жртвите на тие непогоди. Ослободувањето не се однесува на материјал и опрема наменета за обнова на подрачјата кои ги зафатила природна или друга катастрофа. Ослободувањето се однесува само на организации кои водат соодветно книговодство и им овозможуваат на надлежните органи надзор над нивното работење и кои по потреба нудат гаранција како инструмент за обезбедување на плаќањето;
  • регистрирани хуманитарни или добротворни организации, за добра кои бесплатно ги увезуваат од странство за извршување на нивните хуманитарни активности. Ослободувањата не се однесуваат на алкохолни пијалоци, тутун и производи од тутун, како и на моторни возила (освен амбулантни возила за превоз на болни и повредени лица). Ослободувањето се однесува само на организација која води соодветно книговодство и на надлежните органи им овозможува надзор над нивното работење и кои по потреба нудат гаранција како инструмент за обезбедување на плаќањето;
  • јавни музеи и јавни уметнички галерии, за подарени збирки и уметнички предмети;
  • јавни библиотеки, за подарен библиотекарски материјал;
  • јавни архиви, за подарена репродуцирана архивска граѓа;
  • терапевтски супстанци од човеково потекло, реагенси за определување на крвни групи и на типови ткива;
  • лабараториски животни и биолошки или хемиски супстанции наменети за истражување;
  • мостри на добра со мала вредност, кои според видот и количината не можат да се користат за друга намена;
  • добра наменети за употреба на саеми, трговски изложби или слични манифестации, освен алкохол и алкохолни пијалоци, тутун и преработки од тутун и горива, било да се работи за течни, тврди или за гас;
  • добра кои се увезуваат заради испитување, истражување, анализирање или тестирање, освен стока употребена за испитување, анализирање или тестирање за подобрување на продажбата;
  • трговски марки, модели или дизајни и нивните придружни документи, како и поднесоци за признавање на патенти за пронајдоци или слично, што им се доставуваат на организации за заштита на авторските права или правата од индустриска сопственост;
  • туристички пропаганден материјал наменет за бесплатно делење и чијашто главна задача е да ја претстави странската туристичка понуда;
  • фармацевтски производи за здравствена или ветеринарна намена што се употребуваат при меѓународни спортски манифестации организирани во Република Македонија;
  • материјали потребни за прицврстување и за заштита на стоката во текот на нејзиниот транспорт;
  • подлога и храна за добиток и за животни во текот на нивниот транспорт;
  • материјали за изградба, одржување или украсување на спомен обележја на жртвите од војните или гробишта за жртвите од војните;
  • ковчези со тела, погребни урни со пепел и придружни погребни предмети;
  • пратки со мала вредност испорачани од странство за примачи во земјата чија вкупна вредност по пратка не го надминува износот од 22 евра во денарска противвредност. Ослободувањата не се однесуваат на тутун и производи од тутун, алкохол и алкохолни пијалоци, како и на парфеми и тоалетни води;
  • документи кои се испратени бесплатно до државните органи;
  • изданија на странски влади и официјални меѓународни органи наменети за бесплатно делење;
  • предмети кои се поднесуваат како докази или за слични цели пред судовите или други државни органи;
  • примероци на потписи и печатени циркулари кои се однесуваат на потписи кои се праќаат како дел од вообичаена рамена на информации меѓу јавни служби или меѓу банки;
  • службени печатени материјали испратени до Народната банка на Република Македонија;
  • извештаи, изјави, белешки, проспекти, обрасци за пријавување и други документи кои се изготвени од фирми регистрирани во странство и испратени до сопствениците или носителите на хартии од вредност издадени од тие фирми;
  • досиеја, архиви, печатени обрасци и други документи кои се користат на меѓународни состаноци, конференции или конгреси, како и извештаи за тие собири;
  • планови, технички цртежи, нацрти, описи и други слични документи увезени за добивање или исполнување на нарачки во странство или за учество на конкурси или натпревари кои се одржуваат на царинското подрачје;
  • документи кои се користат при споредување на испити на царинското подрачје, кои ги спроведуваат институции со седиште во странство;
  • печатени обрасци кои се користат како службени документи во меѓународниот промет на возила или стока, во рамките на меѓународни конвенции;
  • печатени обрасци, етикети, билети и слични документи кои се испратени од странски превозници или хотели до туристички агенции со седиште во царинското подрачје;
  • печатени обрасци и билети, коносмани, товарни листови и други комерцијални или канцелариски документи кои веќе се искористени;
  • службени печатени обрасци од странски земји или од меѓународни органи и печатени материјали кои се во согласност со меѓународни стандарди испратени за распределба од странски здруженија до соодветни здруженија со седиште во царинското подрачје;
  • фотографии, слајдови и стандардни подлоги за фотографии, без оглед дали се титлувани, испратени до новински агенции или до издавачи на весници или списанија;
  • добра кои како подарок се добиени од странски донатори, како и увезени добра купени со паричните средства добиени како подарок на државните органи, општините и градот Скопје и на јавни правни субјекти;
  • добра наменети за реализација на проект кој се финансира со парични средства добиени врз основа на договор за донација, склучен меѓу Република Македонија и странски донатори, ако во тој договор е предвидено дека со добиените парични средства нема да се плаќаат даноци. Кај проектите кои се финансирани во рамките на инструментот за претпристапна помош (ИПА) кој се спроведува во услови на децентрализирано управување, даночното ослободување се однесува и за делот на средствата од национално кофинансирање обезбедено од Буџетот на Република Македонија и тоа од сопствени средства или од други извори на финансирање; и
  • добра кои привремено се увезуваат со целосно ослободување од плаќање царина (транспортни средства, лични предмети и стока за спортски цели увезени од патници, материјали за помош при непогоди, медицинска, хируршка и лабораториска опрема, животни, стока за употреба во погранични зони, медиуми-носачи на звук, слика или податоци, рекламен материјал, професионална опрема, педагошки материјал и научна опрема, амбалажа, калапи, матрици, нацрти, скици, модели, инструменти за мерење, проверка и тестирање и други слични предмети, специјален алат и инструменти, стока за вршење на тестирање или која е предмет на тестирање, мостри на стока, заменувачки производи, стока за изложби, саеми, средби и слични настани или за продажба, резервни делови, прибор и опрема и друга стока која повремено се увезува или се увезува во случаи во кои нема економски ефект).

Даночни ослободувања за посебните субјекти преку враќање на ДДВ

Даночни обврзници – нерезиденти во земјата

На даночни обврзници кои немаат седиште или подружница во РМ и кои не извршуваат никаков промет во неа или кои не должат данок за прометот, по барање и во посебна постапка, ќе им се исплати претходниот ДДВ кој го платиле по фактурите за промет извршени од домашни ДДВ обврзници, доколку се исполнети законските услови за враќање на данокот.

Ова ослободување се извршува под услов даночниот обврзник да е регистриран ДДВ обврзник во својата земја и да постои реципроцитет помеѓу Република Македонија и државата во која даночниот обврзник е резидент.

Непрофитни организации

Непрофитните организации имаат право на барање за враќање на пресметаниот ДДВ во испораките кон нив од страна на даночни обврзници и за увозот реализиран спрема нив доколку:

  • прометот на добра кон нив или увозот не биле ослободени од данок;
  • ДДВ за извршениот промет на добра е посебно искажан во фактурата и е платен со плаќањето на купопродажната цена;
  • данокот долгуван при увозот е платен; и
  • добрата се пренесени во странство и таму се користат за хуманитарни, добротворни или образовни цели.

Странски дипломатски или конзуларни претставништва и нивни членови

На барање на странското дипломатско или конзуларно претставништво, во посебна постапка, се врши враќање на платениот ДДВ за набавени добра или користени услуги од регистрирани даночни обврзници за ДДВ за службени цели на претставништвото. Враќањето ќе се одбие, доколку износот на фактурата не надминува 5.000 денари, вклучувајќи го данокот на додадена вредност. Постапката на враќање се спроведува само во случај на постоење на посебни спогодби помеѓу Република Македонија и државата-испраќач, а во согласност со условите за реципроцитет.

Враќање на ДДВ се одобрува и на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал и на конзуларните функционери, доколку истите стекнале добра или користеле услуги за лични потреби или за потреби на членовите на семејствата кои ги сочинуваат нивните домаќинства. Враќањето се ограничува на вкупен износ од 50.000 денари во една календарска година.

При набавка на моторно возило враќањето на данокот се одобрува еднаш во три години, освен во случаите на неопходна набавка на ново возило како замена за старото, после настаната кражба или тешко оштетување.

Меѓународни организации и нивни членови

Странските меѓународни и невладини организации, можат да бараат враќање на ДДВ кој е пресметан во прометот кон нив од страна на даночни обврзници во земјата, а кој тие го користат за остварување на својата дејност во земјата. Право на барање на враќање на ДДВ имаат и членовите на таквите организации.

Враќањето им се овозможува врз основа на одредби во меѓународниот договор кој тие ги потпишуваат со Р.М, а во кој за меѓународните организации и нивните членови се предвидени ослободувања од индирекните даноци.

Ослободувањето може да се одобри по пат на враќање во истата процедура и услови како и за странските дипломатски или конзуларни представништва и на дипломатскиот персонал.

Даночни поттикнувања кај ДДВ за донации во јавните дејности

  • Учество на државниот буџет во плаќање на данокот на додадена вредност за сметка на давателот на донацијата. За секој извршен промет на добра или услуги кои значат донирање извршено во добра или услуги се пресметува и се плаќа ДДВ на посебна сметка за донации, со тоа што Секторот за трезор при Министерството за финансии, по добивањето на согласност за исполнетост на условите, врши исплата на уплатениот износ на ДДВ на сметката на давателот на донацијата (вршител на прометот).
  • На надоместокот за влезници за културен, спортски или друг јавен настан не се пресметува ДДВ, без исклучување на правото на одбивка на претходниот данок, доколку целокупниот приход е наменет и се употребува за финансирање на активност од јавен интерес.
  • На надоместокот за комуникациска услуга кога корисникот со нејзиното користење донира парични средства за финансирање на активност од јавен интерес, не се пресметува ДДВ, без исклучување на правото на одбивка на претходниот данок.