Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи
Одделение: Управни работи
ул. Кеј Димитар Влахов бб, 1000 Скопје - во зградата на МТВ со влез од страната на реката Вардар , Скопје
Работно време
08:30 - 16:30 часот

Дозвола за привремен престој врз основа на семејно обединување

На странец кој во Република Македонија има дозвола за постојан престој или дозвола за привремен престој, издадена заради вработување, работа, на самостојно вработени лица или на странец кој е по потекло од Република Македонија и која е издадена за период од една година, под услови и во согласност со законот за привремен престој, му се признава право на семејно обединување со членовите на неговото потесно семејство кои се странци.

Член на потесното семејство, се сметаат странците кои се:

  • брачен другар на странецот;
  • малолетни деца на странецот или на неговиот брачен другар;
  • посвоени деца на странецот или на неговиот брачен другар и
  • малолетни деца врз кои странецот или неговиот брачен другар има старателство, утврдено со пресуда или одлука на матичната земја во која е извршено посвојувањето, односно старателството, а потврдена од страна на надлежен орган во Република Македонија.

Малолетните деца треба да се на возраст до 18 години живот и да не се во брак.

По исклучок, за членови на потесното семејство можат да се сметаат и:

  • роднини од прв степен, права линија на потомство на странецот или на неговиот брачен другар, кога тие се зависни од нив и не уживаат соодветна семејна поддршка во државата во која живеат;
  • полнолетни деца на странецот или на неговиот брачен другар кои не се во брак кога поради нивната здравствена состојба не можат да ги задоволат сопствените потреби и
  • родители на малолетно дете, ако тоа го наметнуваат најдобрите интереси на детето.

Членовите на потесното семејство на странецот на кои им е издадена дозвола за привремен престој во Република Македонија имаат право на образование, професионално усовршување, вработување и самостојно вработување, под условите утврдени со закон.

Услови за издавање на дозволата

  1. Барање за издавање на дозвола за привремен престој на членовите на неговото потесно семејство, може да поднесе и странецот кој има дозвола за престој во Република Македонија, кој барањето може да го поднесе до Министерството за внатрешни работи.
  2. Во случај кога се поднесува барање за издавање на дозвола за привремен престој за малолетни деца на странецот или на неговиот брачен другар , а вршењето на родителското право е поделено, кон барањето, странецот мора да поднесе и согласност од другиот родител, заверена од надлежниот орган во државата во која престојува другиот родител.
  3. Дозволата за привремен престој врз основа на семејно обединување нема да се издаде ако постојат основи на сомневања дека бракот со странецот кој има дозвола за престој во Република Македонија, односно посвојувањето или старателството над малолетни деца е склучено единствено со цел за овозможување на лицето да влезе или да престојува во Република Македонија.
  4. Во случај на полигамен брак, кога странецот кој има дозвола за престој во Република Македонија, има брачен другар со кој живее на територијата на Република Македонија, нема да се дозволи семејно обединување со другиот брачен другар.

Времетраење на дозволата

На членовите на потесното семејство на странецот кој има дозвола за привремен престој во Република Македонија им се издава дозвола за привремен престој за период до 1 година, со можност истата да се продолжува за ист временски период како и дозволата за привремен престој на странецот.

Дозволата нема да се продолжи и ако се утврди дека:

  • странецот и членовите на неговото потесно семејство не живеат во вистинска брачна или семејна заедница и
  • постојат основи за сомневање дека бракот со странецот кој има дозвола за престој во Република Македонија, односно посвојувањето или старателството над малолетните деца е склучено по договор.

Потребни документи

  • барање за издавање на дозвола за привремен престој на членовите на неговото потесно семејство;
  • доказ за својот законски престој во Република Македонија;
  • доказ за семејните врски;
  • доказ за стабилни и редовни извори кои се доволни за негово издржување и за издржување на членовите на неговото потесното семејство кои имаат намера да престојуваат во Република Македонија;
  • доказ за обезбедено сместување за членовите на потесното семејство;
  • лично здравствено осигурување, како и здравствено осигурување за членовите на потесното семејство и
  • заверени копии од патните исправи.