Информации

Поврзани институции:
Централен регистар на РМ
бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел: + 389 2 3290-241

Град Скопје
Адреса: бул. “Илинден“ бб, 1000 Скопје
Тел: +389 (2) 3297-207

Управа за јавни приходи
Регионални дирекции Тел: инфо центар - 0800 33 000

Фондации (основање, статут, органи на фондацијата)

Основање

Фондацијата е правно лице формирана за остварување на цел со стекнување и управување на имот и средства во согласност со Законот за здруженија и фондации.

  • Фондацијата се основа со имотна маса која изнесува најмалку 10.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија, изразена во пари, хартии од вредност или друг имот на денот на поднесувањето на актот за запишување во Регистарот.
  • Ако регистрацијата на фондацијата е утврдена со тестамент, а таа не е регистрирана во рок од 60 дена, имотната маса се распределува согласно со закон.

Основачи на фондација

Фондацијата ја основаат еден или повеќе основачи.

  • Како основачи на фондацијата можат да се јават физички и правни лица.
  • Фондацијата се основа со акт за основање или како последна волја изјавена со тестамент или легат.

Акт за основање

Актот за основање на фондацијата содржи:

  • име и седиште на фондацијата,
  • име, адреса или седиште и единствен матичен број на граѓанинот или единствен матичен број на основачот на фондацијата,
  • цели на фондацијата и
  • висина на имотната маса со која се основа фондацијата изразена во пари за секој основач одделно.

Актот за основање може да содржи и други одредби за основање и дејствување на фондацијата, како и за правото на основачот да одлучува за промена на целта, името, начинот на донесување изменување и дополнување на статутот и престанокот на фондацијата. Актот за основање се потпишува од основачите.

Статут и содржина на статутот

Начинот на учеството на основачот во управувањето со фондацијата се уредуваат со статутот на фондацијата. Со статутот се уредуваат:

  • името и седиштето на фондацијата,
  • целите на фондацијата,
  • дејноста со која се остваруваат целите на фондацијата,
  • внатрешната организација, видот и составот на органите, надлежностите, начинот на избор и разрешување на членовите на органите, траење на мандатот на членовите на органите и начинот на одлучување,
  • законското застапување,
  • начин на стекнување и располагање со средствата,
  • начин за донесување на деловни, финансиски и други извештаи,
  • начинот на остварување на јавност и транспарентност во работата,
  • начинот на донесување, изменување и дополнување на статутот,
  • начинот на одлучување за статусни измени и престанок на фондацијата,
  • постапувањето со средствата на фондацијата во случај на престанок на фондацијата,
  • начинот на донесување на планови и програми и
  • други прашања утврдени со закон.

Со статутот на фондацијата може да се уреди и:

  • знакот и симболот на фондацијата,
  • внатрешните организациони форми на фондацијата (подружници, ограноци и слично), ако ги има фондацијата,
  • начинот на донесување на другите акти,
  • судирот на интереси и
  • други прашања од значење за работа и начин на разрешување на спорни прашања на фондацијата.

Статутот е составен и одобрен во согласност со основачите, ако со актот за основање поинаку не е определено.

  • Ако фондацијата е основана со изјава, статутот го составува извршителот на тестаментот, односно легатот, освен ако со последната изјава на волја поинаку не е утврдено.

Органи на фондацијата

Фондацијата има одбор и директор. Со статутот на фондацијата можат да се предвидат и други органи.

  • Одборот е највисок орган на управување на фондацијата. Основачот при основањето на фондацијата го именува одборот на фондацијата, освен ако со актот за основање или статутот поинаку не е определено. Одборот на фондацијата работи на начин утврден со статутот на фондацијата.
1. Одборот на фондацијата: 

  • донесува статут, програма и други акти;
  • усвојува годишен извештај за работа и финансиски извештај и го објавува на својата веб страница,
  • доставува финансиски извештај до надлежниот орган на државната управа, односно органот на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, во случаите кога користи средства од Буџетот на Република Македонија, односно буџетите на единиците на локалната самоуправа,
  • одлучува за промена на целта на фондацијата,
  • одлучува за внатрешната организација и организационите форми на фондацијата,
  • избира и разрешува членови на органите,
  • одлучува за статусни измени на фондацијата,
  • одлучува за престанок на фондацијата и
  • врши и други работи во согласност со статутот и актите на фондацијата.

Одборот на фондацијата ги има овие права ако со актот за основање или со статутот на фондацијата основачот не ги задржал за себе овие права. 2. Со фондацијата раководи директор. Фондацијата може да има еден или повеќе директори овластени за застапување на фондацијата, избрани на начин утврден со статутот.

  • Директор може да биде деловно способно физичко лице кое има живеалиште или престојувалиште на територијата на Република Македонија.
  • Директорот своите права, обврски и одговорности ги врши во согласност со овој закон, статутот и актите на фондацијата.