Информации

Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на РМ
Стручна служба – Централа – Скопје
ул. „23 Октомври” бр. 11, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3250 100
Факс. + 389 (2) 3162 275
Инвалидски комисии
Тел. + 389 (2) 3065 184
Факс. + 389 (2) 3065 223
Контакт-центар тел.:
15 215 (секој работен ден од 9:00 – 16:00)

Инвалидска пензија

Правото на инвалидска пензија може да се стекне во следните случаи:

1. Осигуреникот кај кој ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може да се оспособи со професионална рехабилитација за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија, ако:
– инвалидноста е причинета со повреда на работа или професионална болест, без оглед на должината на пензискиот стаж или
– ако инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест под услов пред настанувањето на инвалидноста, односно на денот на престанокот на осигурувањето по настанатата инвалидност да е постар од 45 години живот и да има навршени најмалку 12 години пензиски стаж или
– ако инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест, доколку осигуреникот има навршено над 30 до 37 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 30% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години, а доколку осигуреникот има навршено над 37 до 45 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 40% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години.

2. Осигуреник кај кого инвалидноста настанала пред навршување на 30 години живот како последица на повреда надвор од работата или болест се здобива со право на инвалидска пензија ако на денот на настанувањето на инвалидноста имал својство на осигуреник и ако:
– инвалидноста настанала до навршување на 20 години живот, ако имал најмалку шест месеци стаж на осигурување;
– ако инвалидноста настанала до навршување на 25 години живот, ако имал најмалку девет месеци стаж на осигурување и
– ако инвалидноста настанала до навршување на 30 години живот, ако имал најмалку 12 месеци стаж на осигурување.

Постапката за остварување на правото на инвалидска пензија се поведува по барање на осигуреникот или по предлог на лекарот што го лекувал осигуреникот, односно лекарска комисија за остварување на правото од инвалидско осигурување (инвалидска пензија, паричен надоместок за телесно оштетување).

Барањето за остварување право на инвалидска пензија се поднесува писмено на образец П–1 до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.

Кон барањето осигуреникот приложува и:

– работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е впишан во работната книшка (решенија, уверенија, потврди и др.) – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број или лична карта на увид – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– образец бр. 3 издаден од матичниот лекар (предлог за утврдување на инвалидност со наод и мислење за здравствената состојба и за работната способност на осигуреникот);
– медицинска документација, подготвена од страна на лекар специјалист, која е потребна за да се верификува дијагнозата на главната болест;
– пријава за повреда на работа (ако осигуреникот е повреден на работа) и
– други докази заради утврдување на фактите во врска со остварувањето на правата (решенија за користење на некои права од пензиско и инвалидско осигурување, пресуди за доделена издршка, уверенија – потврди за заснован работен однос или вршење на дејност и др.).