Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Подрачна единица на МВР Скопје: ул. „Кеј Димитар Влахов“ бб, 1000 Скопје, во зградата на МТВ со влез од страната на Реката Вардар
Бесплатно телефонско закажување на: 0800 192 92 и 072 929 292
Централа МВР: 3117-222
Сектор за внатрешни работи – Скопје 3322 998
Работно време на шалтерите: од понеделник до петок, од 7:30 до 20:30 ч.

Издавање на дупликат возачка дозвола

Барањето за издавање на дупликат возачка дозвола се поднесува во услови кога оригиналната возачка дозвола е изгубена или украдена.
За започнување на постапката треба да се закаже термин, и тоа:
– преку бесплатниот телефонски број 0800 192 92 (само преку фиксен телефон);
– преку телефонскиот број 072 929 292 (преку мобилен телефон) или
– преку интернет-страницата на МВР termin.mvr.gov.mk.

На закажаниот термин барателот лично треба да достави барање за издавање на возачка дозвола до секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи според местото каде што има живеалиште. Барањето може да се подигне директно на шалтер или да се преземе од интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Кон барањето се поднесуваат следните документи:
– важечка лична карта на увид;
– документ кој служи за утврдување на идентитетот на странец и доказ за одобрен законски престој од најмалку шест месеци во Република Македонија (само доколку барателот за издавање на возачка дозвола е странец);
– доказ за објава на изгубена возачка дозвола во „Службен весник на Република Македонија“ (за објавата се плаќа износ од 75,00 денари);
– писмена изјава која содржи краток опис на времето и местото на губење/кражба на возачката дозвола;
– лекарско уверение (само доколку изгубената/украдената возачка дозвола е со измината важност и во неа била заверена „Д“ категорија);
– барање за издавање на возачка книшка;
– уплатница во износ од 100,00 денари административна такса за издавање на возачка книшка;
уплатница во износ од 280,00 денари за издавање на новата возачка дозвола (редовна постапка)/840,00 денари (итна постапка);
– уплатница во износ од 150,00 денари, ако изгубената/украдената возачка дозвола била сè уште важечка во момент на губењето/кражбата;
– уплатница во износ од 210,00 денари, ако изгубената/украдената возачка дозвола не била важечка во момент на губењето/кражбата.

Наведените износи може да се уплатат и со картичка преку ПОС-терминал директно на шалтерите при Секторот за внатрешни работи, во моментот на поднесување на документите.

 

При поднесување на барањето за издавање на возачка дозвола од лицето се земаат биометриски податоци – фотографија, отпечатоци од два прста, како и своерачен потпис во дигитална форма. Покрај на македонски јазик, барателот може да избере да му биде испишано личното име во возачката дозвола и на еден од следните јазици: турски, влашки, српски, ромски или босански.

Кога овластеното службено лице ќе утврди дека барањето е уредно пополнето и потпишано и кон него се приложени потребните докази, а податоците за лицето содржани во барањето се идентични со податоците од евиденцијата што се води по единствен матичен број на граѓанинот, врз основа на барањето и постојната службена евиденција, службеното лице отпечатува потврда за поднесено барање за возачка дозвола и за начинот на испишување на податоците во возачката дозвола.

На возачот кој нема да поднесе барање за издавање на дупликат возачка дозвола може да му се издаде мандатен платен налог со глоба во износ од 45,00 евра во денарска противвредност во мандатна постапка, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бода.

Времето за издавање на дупликат возачка дозвола во редовна постапка е 15 дена од денот на поднесување на барањето заедно со сите неопходни документи, а во итна постапка 48 часа.