Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Подрачна единица на МВР Скопје: ул. „Кеј Димитар Влахов“ бб, 1000 Скопје, во зградата на МТВ со влез од страната на Реката Вардар
Бесплатно телефонско закажување на: 0800 192 92 и 072 929 292
Централа МВР: 3117-222
Сектор за внатрешни работи – Скопје 3322 998
Работно време на шалтерите: од понеделник до петок, од 7:30 до 20:30 ч.

Издавање на возачка книшка

Возачката книшка е јавна исправа што ја издава Министерството за внатрешни работи на Република Македонија заедно со возачката дозвола. Во неа се запишуваат негативните бодови и прекршочната санкција „забрана на управување со моторно возило“.
Возачката книшка се издава врз основа на барање за издавање на возачка книшка поднесено лично  од страна на возачот до организационата единица на Министерството за внатрешни работи според местото на неговото живеалиште.

Барањето за издавање на возачка книшка задолжително се поднесува во следните случаи:

1. издавање возачка книшка за првпат;
2. замена на возачка книшка поради дотраеност или оштетеност;
3. заверка на нова категорија;
4. промена на лични податоци во возачката дозвола;
5. пријавување промена на местото на живеалиште на возачот и
6. издавање на дупликат возачка книшка.

Кога се поднесува барање за издавање на возачка книшка поради дотраеност  и/или оштетеност на книшката, старата возачка книшка се одзема и записнички се поништува. Возачот, ако ја изгуби возачката книшка,  должен е да ги поднесе документите наведени подолу, заедно со писмена изјава потпишана од него, во која ќе ги наведе времето и местото на губење на возачката книшка.

Во прилог на барањето за издавање на возачка книшка се поднесува и:
– возачка дозвола на увид;
– важечка лична карта на увид;
– две фотографии со димензии 3,5 х 4,5 см и
– уплатница на износ од 100,00 денари (или уплата со картичка преку ПОС-терминал директно на шалтерот во моментот на предавање на документите).