Информации

Влада на Република Македонија
"Илинденска" б.б. 1000 Скопје
тел. +389(0)2 3118 022
Министерство за животна средина и просторно планирање
- Сектор за води
Јуриј Гагарин 15, Скопје
Тел. +389 (2) 3251-423

Концесија за користење на водите

Стопанските дејности кои се остваруваат со користење на водата од површинските и подземните водни тела може да се вршат преку доделување на концесија и јавно приватно партнерство на определено време на домашно и странско правно и физичко лице.

Концесијата се доделува за:

  1. производство на електрична енергија во хидроелектрични централи;
  2. флаширање на вода за комерцијални потреби;
  3. одгледување на риби и водни птици;
  4. езерски сообраќај;
  5. давање на туристички, спортски и други рекреативни услуги со изградба на трајни објекти.

Опис на постапката

  1. За започнување на постапката за доделување на концесијата одлучува Владата на Република Македонија по образложен предлог доставен од страна на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина, изработен во согласност со Водостопанската основа на Република Македонија и плановите за управување со речните сливови.
  2. Образложениот предлог, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на животната средина го доставува по претходна согласност со органот на државната управа надлежен за вршење на работи од областа на земјоделството, a претходно позитивно се изјасниле,  органот од областа на економијата, органот од областа на транспортот и врските, органот од областа на oдбраната, органот  од областа на културата, органот  од областа на внатрешните работи и Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.
  3. Одлуката од предлогот на Владата се објавува во “Службен весник на Република Македонија
  4. Надлежниот министер формира Комисија за спроведување на  постапката за доделување на концесијата составена од најмалку пет члена во која задолжително учествува и еден претставник на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје ќе се изведува концесискиот проект.

Концесијата се доделува по пат на јавен конкурс и исклучоци. Концесијата се доделува по пат на јавен повик организиран и спроведен во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Во јавниот повик за доставување на понуди за доделување на концесијата задолжително се наведува дека задолжителен услов за склучување на концесискиот договор е прибавување на дозвола за користење на вода во согласност со одредбите од Законот за водите, а во тендерската документација, покрај елементите утврдени согласно со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, се наведуваат условите што ќе бидатсодржани во дозволата за користење на водата, како и условите кои се неопходни да се исполнат или истражат заради заштита и унапредување на медиумите и областите на животната средина.

Дозволата за користење на вода прибавена во согласност со одредбите од овој закон нема да произведува правно дејство доколку не се склучи концесискиот договор.

Времетраење и престанок на концесијата

Времетраењето на концесијата се утврдува со концесискиот договор при што најдолгиот период изнесува:

  • за производство на електрична енергија во хидроелектрични централи: – со моќност над 10 МW до 70 години, – со моќност од 2 до 10 МW до 50 години и – со моќност до 2 МW до 30 години;
  • флаширање на вода за комерцијални потреби, без оглед дали се работи за зафаќање на вода од површинско или подземно водно тело до 20 години;
  • одгледување на риби и водни птици; – во рибници до 25 години, – во кафези до 15 години и – водни птици до 15 години;
  • за езерски сообраќај до десет години;
  • давање на туристички, спортски и други рекреативни услуги со изградба на трајни објекти до 20 години.

Времетраењето на дозволата за користење на водата не смее да биде подолго од времетраењето на концесискиот договор, определено во согласност со Законот за водите. Како почеток на концесијата се смета денот на склучувањето на концесискиот договор.

Договорот за концесијата може да се пренесе во согласност со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство и доколку претходно се пренесат правата и обврските за користење на водата утврдени во дозволата за користење на водата.

Престанок на концесијата

Концесијата престанува да важи:

  • доколку му биде одземена дозволата за користење на вода и
  • во случаите предвидени со одредбите од Законот за концесии и јавно приватно партнерство.

Со престанокот на концесијата престанува и дозволата за користење на водата.