Информации

Министерство за економија на РМ
Јуриј Гагарин 15,Скопје
Тел. +389 2 3093 485 +389 2 3093 486
Факс. +389 (2) 3084 472
email: info@economy.gov.mk

Постапка за издавање лиценца за продажба на алкохолни пијалоци во прометот на мало

Трговецот на мало кој врши продажба на алкохолни пијалаци, за продажбата на алкохолни пијалаци е должен да поседува лиценца. Лиценцата важи за период од две години. За добивање на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од 20.000 денари на сметка на Републички буџет. Продажбата на алкохолни пијалаци трговецот ја врши во посебен продажен објект за продажба на алкохолни пијалаци. По исклучок,  продажбата на алкохолни пијалаци трговецот на мало може да ја врши и во посебно издвоен дел во просторија од продажниот објект кој е соодветно обезбеден. Посебниот продажен објект за продажба на алкохолни пијалоци треба да биде опремен со посебни рафтови за одделните видови на алкохолни пијалоци. Доколку пак продажбата која  се врши  во посебно издвоен дел од просторијата  од  продажниот  објект  кој  е  соодветно  обезбеден,  потребно е дабидат  исполнети следниве услови:  посебниот дел од просторијата кој е наменет за продажба на алкохолни пијалоци да биде опремен со рафтови и да биде физички одвоен од делот за продажба на безалкохолни пијалоци и други прехрамбени и/или непрехранбени производи, и  посебниот дел од просторијата кој е наменет за продажба на алкохолни пијалоци да може да се заклучи и/или на друг начин да се ограничи пристапот на потрошувачите по 19 часот.

Потребна документација

Министерот за економија на барање на трговецот на мало издава лиценца. Барањето  се поднесува на два идентични обрасци со еден прилог на докази. Кон барањето за издавање на лиценца трговецот на  мало е должен да достави: 1) документ за тековната состојба на трговецот на мало, издаден од Централниот регистар на Република Македонија; 2) изјава за исполнетост на минимално техничките услови за продажниот објект во кој се врши продажба на алкохолни пијалaци; и 3) доказ за уплатен надоместок во износ од 20.000 денари. Доколку се исполнети условите, министерот за економија ја издава лиценцата во рок од пет дена од денот на поднесувањето на барањето. Кон барањето за продолжување на лиценца, трговецот на мало е должен да достави доказ за уплатен надоместок за продолжување на лиценцата. Лиценцата се запишува во регистар за издадени и одземени лиценци, кој го води Министерството за економија. Секоја промена која влијае на условите потребни за издавање на лиценцата трговецот на мало е должен да ја пријави до Mинистерството за економија во рок од пет дена од денот на настанувањето на промената.

Продолжување на лиценца

Лиценцата по истекот на рокот за кој е издадена може да се продолжи, на барање на трговецот на мало кој врши промет на алкохолни пијалаци, доколку ги исполнува условите. За продолжување на лиценцата трговецот е должен да плати надоместок во износ од: – 5.000 денари за секој продажен објект ако има до три продажни објекти и – 15.000 денари за секој продажен објект, ако има над три продажни објекти и 0,05% од вкупниот промет остварен во претходната година. Трговецот на мало е должен да ја истакне лиценцата на видно место во продажниот објект. Министерството за економија 30 дена пред истекот на рокот на важноста на претходно издадена лиценца го потсетува носителот на лиценцата за периодот на важноста на истата. Потсетувањето се врши преку доставување на електронска порака на е-маил адресата од тековната состојба на правното лице. Потсетувањето може да се врши и со СМС – порака, доколку носителите на лиценца дале претходна согласност дека тоа ќе биде на нивeн трошок.

Лиценцата се одзема, ако: 1) продажниот објект во кој се врши трговија на мало со алкохолни пијалаци престане да ги исполнува минимално техничките услови за продажба на алкохолни пијалаци; 2) државниот пазарен инспектор при вршење на инспекциски надзор утврди дека се врши продажба неалкохолни пијалаци од 19,00 до 06,00 часот наредниот ден и 3) државниот пазарен инспектор при вршење на инспекциски надзор утврди дека трговецот на мало врши продажба на алкохолни пијалаци на лица со возраст под 18 години.