Информации

Полагање на возачки испит на кандидат за возач

Возачки испит може да полага само кандидат за возач кој ја има навршено возраста неопходна за добивање дозвола од категоријата за која се оспособил, поседува уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, кој се стекнал со потврда за оспособување на кандидат за возач на моторно возило и кој поседува потврда за оспособеност за укажување на прва помош.

Кандидатот за возач го пријавува полагањето на возачки испит во испитниот центар според неговото живеалиште, односно во подружницата на испитниот центар каде има пријавено престојувалиште во последните шест месеци.

Возачкиот испит се полага пред испитна комисија формирана во испитниот центар. Испитната комисија е составена од претседател и два члена – испитувачи и тоа испитувач по теоретски и испитувач по практичен дел. Претседателот и испитувачите од испитната комисија, се лица вработени во испитниот центар.

При спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит, на барање на кандидатот за возач, а во зависност од конструкциските карактеристики на возилото, може да присуствува и возач-инструктор од автошколата кој практично го оспособувал кандидатот за возач, кој нема право на глас.

Барањето за присуство на возачот-инструктор при спроведување на вториот практичен дел од возачкиот испит, кандидатот за возач го поднесува пред започнување на спроведувањето на вториот практичен дел од возачкиот испит.

Возачкиот испит претставува една целина и се состои од полагање на два дела од испитот и тоа сообраќајни правила и прописи (теоретски дел) и управување со моторни возила (практичен дел).

Теоретскиот дел од возачкиот испит се полага електронски на претходно изготвен тест од Министерството за внатрешни работи во согласност со Министерството за образование и наука.

Тестот е изработен на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а за овластените испитни центри, кои се лоцирани во единиците на локална самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и на тој службен јазик и писмо.

За положениот возачки испит, испитниот центар издава уверение за положен возачки испит.

На кандидатот за возач кој полагал на возило со автоматски менувач му се издава уверение со забелешка за положен возачки испит на возило со автоматски менувач.

Во случај кога кандидатот за возач не го положи возачкиот испит, има право на приговор до испитниот центар, во рок од 24 часа од спроведувањето на возачкиот испит.