Информации

Централен регистар на РМ
бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3290 241,
+ 389 (2) 3290 248
Факс.+ 389 (2) 3123 169
Работно време
Понеделник до петок: 8.30 - 16.30

Постапка за бришење на неактивни субјекти од надлежниот регистар

Централен регистар

(1) Централниот регистар на Република Македонија е должен во рок од 30 дена по настапувањето на условите за бришење на неактивен субјект и причините определени со членот 552-б од овој закон на својата веб-страница да објави соопштение за тоа и да спроведе постапка за негово бришење.

Во соопштението се наведува називот на трговското друштво, неговиот ЕМБС и седиштето причината забришење известувањето за правните последици од бришењето и рокот за постапување по известувањето.

Истовремено со соопштението се повикуваат законските застапници, односно лицата и органите овластени за управување, застапување и надзор на субјектот, содружниците, како и доверителите (овластени подносители) во рок од една година од денот на објавувањето на соопштението да поднесат предлог за стечај согласно со Законот за стечај или предлог за ликвидација согласно со овој закон и за тоа писмено да го известат Централниот регистар на Република Македонија. За објавеното соопштение Централниот регистар на Република Македонија ја известува јавноста најмалку преку еден печатен медиум кој излегува на целата територија на Република Македонија и на националниот радио и телевизиски јавен сервис.

(2) Доколку во рокот определен во ставот 1 на овој член Централниот регистар на Република Македонија не добие известување за поднесен предлог за ликвидација, односно предлог за отворање на стечајна постапка од страна на овластен подносител, го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот 4 на овој член.

(3) Доколку Централниот регистар на Република Македонија во рок од една година од истекот на рокот од ставот 1 на овој член, не добие решение за отворање на стечајна постапка, односно не е отворена постапка за ликвидација согласно со одредбите од овој закон, Централниот регистар на Република Македонија го брише субјектот и бришењето го објавува на својата веб-страница, а кога се работи за трговски друштва, во објавата се повикуваат и содружниците, односно акционерите на бришаните друштва да го распределат имотот на друштвото меѓу себе согласно со ставот 4 на овој член.

(4) Движниот имот на трговските друштва избришани согласно со членот 552-а од овој закон се распределува во рок од една година од денот на донесувањето на решението за бришење. Паричните средства и недвижниот имот се распределуваат во рок од десет години од денот на донесувањето на решението за бришење. Доколку по истекот на овие рокови не дојде до распределба на имотот на друштвото, односно до распределба на новопронајден имот истиот се пренесува во сопственост на Република Македонија, со обврска движниот имот да се чува една година, а недвижниот имот и паричните средства десет години. Во овој рок основачите имаат право во судска постапка да ја докажуваат сопственоста на имотот и да бараат враќање на истиот.

(5) Централниот регистар на Република Македонија секој месец на својата веб-страница објавува преглед на трговци поединци и трговски друштва кои согласно со овој член се избришани од трговскиот регистар во текот на претходниот месец, врз основа на кој надлежните органи и институциите постапуваат во рамките на нивните надлежности.

Член 552-б

(1) Во постапката определена во членот 552-а од овој закон од трговскиот регистар се бришат трговец поединец и трговско друштво ако е исполнета една од следниве причини:
– не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година и
– не пријавиле упис на адреса на електронско сандаче за прием на писмена согласно со членот 21 став 4 од Законот за едношалтерскиот систем и за водење на единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица.
– по истекот на една година од објавувањето на уписот на веб-страницата на Централниот регистар на Република Македонија за извршен упис на основање согласно со членот 175 од овој закон не го внесе/уплати основачкиот влог.
(2) Постапка за бришење согласно со ставот 1 на овој член и членот 552-б од овој закон поведува Централниот регистар на Република Македонија по службена должност.
(3) Трговците поединци и трговските друштва за кои согласно со причините од ставот 1 на овој член, е започната постапка за бришење, истата ќе се запре ако за времетраењето на објавата на списокот забришење ги отстранат причините за ради кои била поведена.