Информации

Град Скопје
бул. “Илинден“ бб, 1000 Скопје
Тел. +389 (2)3297 266;
+389 (2) 3297 267;
+389 (2) 3297 288

Постапка за издавање на решение за изведување на градбите односно поставување на опремата за кои не е потребно одобрение за градење

Одобрение за градење не е потребно за следниве градби: 

  • мерни станици за заштита на медиумите на животната средина,
  • привремени градби наменети за истражувачки дејности (градби за вршење истражувачки мерења, природни ресурси, мерни станици за ветер, сонце, воздух, бушотини, ископи и слично) кога постои одлука на надлежен орган, за периодот од најмногу три години, по кој период треба да се отстранат,
  • градби во функција на градобијна одбрана и градба за сигнализација во воздушниот сообраќај,
  • некатегоризиран пат кој служи за стопанисување со шуми и користење на други природни ресурси одобрени со посебен пропис,
  • споменици, спомен обележја и скулптури,
  • гробница и споменици на гробни места во рамките на гробиштата утврдени со урбанистички план,
  • градби со кои се овозможува и олеснува движењето на лица со инвалидност до и во градбата,
  • при вградување и замена на опрема во градба која е во употреба заради проширување на капацитетот на градбата, а со која не се менува намената на градбата и просторијата во која е сместена опремата, нити се менуваат општите услови за заштита и спасување предвидени со основниот проект за градбата – телекомуникациска опрема за интерен пренос на говор и слика, опрема во функција на заштита на градбата од кражби, заштита и спасување,
  • огради,
  • електронска комуникакциска опрема за пренос на слика, говор и други податоци која се поставува на објекти за кои е издадено одобрение за употреба и
  • рекламни и информативни паноа кои се поставуваат на објекти.
  • потпорни ѕидови,
  • помошни градби кои се во функација на објект за домување или друг вид на објект и се градат на иста урбанистичка парцела (гаража со бруто развиена површина до 50 м2, остава, септичка јама и слично),
  • настрешници во функција на објект,
  • базени на ниво на терен за индивидуална употреба,
  • привремени градби за потреби на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони кои се градат во рамки на технолошките индустриски развојни зони,
  • отворени и затворени спортски игралишта,
  • спортски сали со бруто развиена површина до 1500 м2,
  • мерни и разводни ормари за електрична енергија и нисконапонските кабли,
  • оптички кабли, оптички кабли со кабелска канализација и кабелска канализација за оптички кабли,
  • привремени градби за сместување на работници при изградба на индустриски објекти и линиски инфраструктурни објекти,
  • подземни садови за комунален отпад,
  • придружни објекти на гробишта (мртовечница, крематориум, посебни објекти за согорување на отпадоци и друг отпаден материјал од гробиштата, санитарни објекти, бунари со индустриска вода и продавници за продажба на свеќи и цвеќе),
  • железнички станици чија изградба е финансирана со средства од Европската унија или друга меѓународна организација,
  • опрема за автоматско регулирање на премин преку постојни железнички пруги и инсталации за автоматско следење и управување на сообраќајот на постојни железнички пруги и
  • електронска комуникациска опрема за следење и регулирање на сообраќајот на постојни улици.

За изведување на градбите односно поставување на опремата , инвеститорот поднесува БАРАЊЕ за изведување односно поставување со потребна документација до општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје, на чие подрачје треба да се изведе градбата, односно да се постави опремата и решението го издава градоначалникот на општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје.

1. За изградба на мерни станици за заштита на медиумите на животната средина потребно е да се достави:
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење.
2. За изградба на привремени градби наменети за истражувачки дејности (градби за вршење истражувачки мерења, природни ресурси, мерни станици за ветер, сонце, воздух, бушотини, ископи и слично) потребно е да се достави следната документација:
  •  доказ за право на градење согласно Законот за градење;
  • согласност од Агенција за цивилно воздухопловство за градбите чија височина надминува шест метри и
  • согласност од Агенцијата за енергетика доколку се работи за изградба на градби за истражувачки мерења за изградба на енергетски објекти.
3. За изградба на градби во функција на градобијна одбрана и градби за сигнализација во воздушниот сообраќај потребно е да се достави следната документација:

  • основен проект – фаза архитектура;
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење и
  • согласност од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување и Агенција за цивилно воздухопловство за градбите во функција на градобијната одбрана, а за градбите за сигнализација во воздушниот сообраќај согласност од Агенција за цивилно воздухопловство.

4. За изградба на некатегоризиран пат кој служи за стопанисување со шуми и користење на други природни ресурси одобрени со посебен пропис потребно е да се достави следната документација:

  • проект за инфраструктура одобрен од надлежен орган;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно проектот за инфраструктура;
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење;
  • согласност за приклучок на постоечки пат издадена од надлежен орган и
  • согласност за сеча на шума издадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доколку при изградбата треба да се изврши сеча на шума.

5.  За изградба на споменици, спомен обележја и скулптури потребно е да се достави следната документација:

  • ревидиран основен проект;
  • извод од урбанистичкo-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) со која е предвидена изградбата на овие градби;
  • одлука за изведување на градбата донесена од страна на Советот на општината, Советот на општината во градот Скопје или Советот на градот Скопје доколку овие градби не се предвидени со урбанистичко-планската документација, која се состои од графички и текстуален дел, при што текстуалниот дел содржи податоци за градбата и просторот за поставување на градбата (површина и висина) а графичкиот дел се состои од приказ на постоечката и планираната состојба;
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на одлуката доколку овие градби не се предвидени со урбанистичко-планската документација, кои ги издава општината односно градот Скопје чиј Совет ја донел одлуката;
  • согласност од Агенција за цивилно воздухопловство за градбата чија височина надминува шест метри и
  • согласност од градот Скопје, доколку градбата се изведува на подрачјето на општините во градот Скопје, а не е донесена одлука за изведување на градбата согласно алинеја 3 на овој став од страна на Советот на градот Скопје.

6. За изградба на градби со кои се овозможува и олеснува движењето на лицата со инвалидност до и во градбата потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект – фаза градежен дел и
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) со која се потврдува објектот во чија функција треба да се изградат овие градби.

7. При вградување и замена на опрема во градба која е во употреба, заради проширување на капацитетот на градбата, а со која не се менува намената на градбата и просторијата во која е сместена опремата, нити се менуваат општите услови за заштита и спасување предвидени со основниот проект потребно е да се достави следната документација: 

  • акт за употреба или имотен лист за објектот во кој треба да се вгради или замени опрема и
  • согласност од Агенција за електронски комуникации.

8. За поставување на телекомуникациска опрема за интерен пренос на говор и слика, опрема во функција на заштита на градбата од кражби, заштита и спасување се доставува:

  • акт за употреба или имотен лист за објектот во кој треба да се постави опремата.

9. За поставување на електронска комуникациска опрема за пренос на слика, говор и други податоци која се поставува на објекти потребно е да се достави следната документација: 

  • ревидиран основен проект;
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) со кој се потврдува објектот на кој треба да се постави опремата;
  • договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, доколку опремата се поставува на зграда во етажна сопственост односно има писмена согласност од сопственикот/сопствениците доколку се поставува на индивидуален објект;
  • согласност од Агенција за цивилно воздухопловство за опремата чија височина надминува 6 метри од највисоката точка на објектот кој треба да се постават.
  • согласност од Агенција за електронски комуникации;
  • нотификација од Агенцијата за електронски комуникации, доколку опремата служи за вршење на јавна дејност и
  • елаборат за заштита на животната средина одобрен од надлежен орган, за електронската комуникациска опрема за која согласно прописите за животна средина е предвидена изработка на овој елаборат.

10. За поставување на рекламни и информативни паноа кои се поставуваат на објекти потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект – фаза статитка;
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) со кој се потврдува објектот на кој треба да се постави рекламно пано;
  • договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, доколку паноата се поставуваат на зграда во етажна сопственост односно има писмена согласност од сопственикот/сопствениците доколку се поставуваат на индивидуален објект и
  • согласност од Агенција за цивилно воздухопловство за паноата чија височина надминува шест метри од највисоката точка на објектот кој треба да се постават.

11. За изградба на ограда потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект – фаза архитектура, а доколку е предвидено оградата да има електрични инсталации и фаза електрика;
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) за градежната парцела на која ќе се гради оградата;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичко-планската документација и
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење.

12. За изградба на потпорен ѕид потребно е да се достави следната документација: 

  • ревидиран основен проект-фаза градежен дел со решение за одведување на површински и подземни води и
  • доказ за право на градење согасно Законот за градење.

13. За изградба на помошни градби кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект и се градат на иста урбанистичка парцела (гаража со бруто развиена површина до 50 м2, остава, септичка јама и сл.) потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект-фаза архитектура и фаза статика;
  •  извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) за градежната парцела на која е изграден објектот во чија функција ќе се градат овие градби;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичко-планската документација;
  • доказ за право на градење согасно Законот за градење;
  • согласност од непосреден сосед доколку е предвидено градбата да се гради на помало растојание од 1,5 метри од регулационата линија на градежната парцела која е сопственост на непосредниот сосед и
  • согласност од Државен санитарен и здравствен инспекторат, доколку се работи за изградба на септичка јама.

16.  За изградба на настрешници во функција на објект потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект – фаза статика и фаза архитектура, а доколку е предвидено настрешницата да има електрични инсталации и фаза електрика;
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) за градежната парцела на која е изграден објект во чија функција ке се гради настрешницата;
  • согласност од непосреден сосед доколку е предвидено настрешницата да се гради на помало растојание од 1,5 метри од регулационата линија на градежната парцела која е сопственост на непосредниот сосед и
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење доколку со изградбата на настрешницата се зафаќа градежно земјиште.
  • Доколку се предвидува изградба на настрешница во функција на објект кој е во сопственост на Република Македонија односно државни органи, агенции, фондови и други правни субјекти основани од Република Македонија како доказ за право на градење  се доставува имотен лист со право на сопственост на Република Македонија.
  • Доколку се предвидува изградба на настрешница во функција на објект во етажна сопственост како доказ за право на градење се доставува договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот со имотни листови за посебните делови на објектот.
  • Доколку се предвидува изградба на настрешница во функција на објект, со која се зафаќа јавна површина, како доказ за право на градење , се доставува согласност од општината, општината во градот Скопје односно градот Скопје во чија надлежност е јавната површина.

17. За изградба на базен на ниво на терен за индивидуална употреба потребно е да се достави следната документација: 

  • основен проект-фаза архитектура и фаза водовод и канализација, а доколку се предвидени електрични инсталации и фаза електрика;
  • извод од урбанистичко-планската документација (детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план за вон населено место, државна урбанистичка планска документација или локална урбанистичка планска документација) за градежната парцела на која е изграден објектот во чија функција ќе се гради базенот;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичко-планската документација;
  • согласност од непосреден сосед доколку е предвидено базенот да се гради на помало растојание од 1,5 метри од регулационата линија на градежната парцела која е сопственост на непосредниот сосед и
  • доказ за право на градење согласно Законот за градење.

18. За изградба на привремени градби за потреби на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони кои се градат во рамки на технолошките индустриски развојни зони потребно е да се достави следната документација:

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на предметната градба;
  • програма за изведување на градбата, доколку градбата не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација;
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата од алинеја 2 на овој став, доколку градбата не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата од алинеја 2 на овој став;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистички план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови и
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на градбата е сопственост на Република Македонија.

19. За изградба на отворени и затворени спортски игралишта потребно е да се достави следната документација:

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на спортското игралиште;
  • програма за изведување на спортски игралишта доколку игралиштето не е предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација,
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата доколку спортското игралиште не е предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата од алинеја 2 на овој став;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови и
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на спортското игралиште е сопственост на Република Македонија а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето.

20.  За изградба на спортски сали со бруто развиена површина до 1500м2 потребно е да се достави следната документација: 

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на спортската сала;
  • програма за изведување на спортски сали доколку спортската сала не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација,
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата, доколку спортската сала не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови и
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на спортската сала е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето.

21. За поставување на мерни и разводни ормари за електрична енергија и нисконапонски кабли потребно е да се достави: 

  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за линиски инфраструктурен објект;
  • копија од катастарски план за земјиштето на кое ќе бидат поставени ормарите односно каблите, доколку се работи за ормари односно кабли кои се поставуваат на земјиште;
  • доказ дека земјиштето на кое се поставува кабелот односно ормарот е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува писмена согласност од сопственикот на земјиштето или доказ за утврдено право на службеност, доколку се работи за ормари односно кабли кои се поставуваат на земјиште и
  • писмена согласност за поставување на ормари односно кабли од сопственик на објект односно од заедницата на сопственици на посебни делови на објект во етажна сопственост кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, со имотен лист за објектот односно за посебните делови на објектот во етажна сопственост, доколку ормарите односно кабелот се поставуваат во објект.
  •  За надземни нисконапонски кабли како и мерни и разводни ормари за електрична енергија, кои се поставуваат на столбови, доказот од точката 4, се однесува само за земјиштето на кое е изграден столбот.
  • Доказот од точката 4 не се доставува за подземни нисконапонски кабли.

22. За поставување на оптички кабли, oптички кабли со кабелска канализација и кабелска канализација за оптички кабли потребно е да се достави следната документација: 

  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за инфраструктурен објект;
  • копија од катастарски план за земјиштето на кое ќе бидат поставени оптичките кабли или oптичките кабли со кабелска канализација или кабелската канализација за оптички кабли, доколку истите се поставуваат на земјиште;
  • доказ дека земјиштето на кое се поставува оптичкиот кабел или oптичките кабли со кабелска канализација или кабелската канализација за оптички кабли е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето или доказ за утврдено право на службеност, доколку се работи за оптички кабли односно кабелска канализација кои се поставуваат на земјиште;
  • писмена согласност за поставување на оптички кабли или oптички кабли со кабелска канализација или кабелска канализација за оптички кабли од сопственик на објект односно од заедницата на сопственици на посебни делови на објект во етажна сопственост кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот, со имотен лист за објектот односно за посебните делови на објектот во етажна сопственост, доколку истите се поставуваат во објект и
  • нотификација од Агенцијата за електронски комуникации, доколку оптичкиот кабел служи за вршење на јавна дејност.
  • За надземни оптички кабли, надземни oптички кабли со кабелска канализација и надземна кабелска канализација за оптички кабли кои се поставуваат на столбови, доказот точката 4 , се однесува само за земјиштето на кое е изграден столбот.
  • Доказот од точката 4 жне се доставува за подземни оптички кабли, подземни oптички кабли со кабелска канализација и подземна кабелска канализација за оптички кабли.

23.  За поставување на привремени градби за сместување на работници при изградба на индустриски објекти и линиски инфраструктурни објекти потребно е да се достави следната документација: 

  • извод од урбанистички план или урбанистичкопланска документација со која е предвидена изградбата на привремената градба за сместување на работници;
  • програма за изведување на привремената градба за сместување на работници доколку градбата не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација;
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата од точката 2, доколку привремената градба за сместување на работници не е предвидена со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата од токата 2 ;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови и
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на привремената градба за сместување на работници е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето.

24.  За поставување на подземни садови за комунален отпад потребно е да се достави следната документација: 

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на подземните садови;
  • одлука за изведување на подземен сад донесена од страна на Советот на општината, Советот на општината во градот Скопје или Советот на градот Скопје доколку истите не се предвидени со урбанистичко-планската документација, која се состои од графички и текстуален дел, при што текстуалниот дел содржи податоци за градбата и просторот за поставување на градбата а графичкиот дел се состои од приказ на постоечката и планираната состојба;
  • микролокациски услови кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на одлуката од точката 2, доколку подземните садови не се предвидени со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот чиј Совет ја донел одлуката од алинеја 2 на овој став;
  • ревидиран основен проект и
  • согласност од градот Скопје, доколку подземниот сад се поставува на подрачјето на општините во градот Скопје, а не е донесена одлука за поставување на садот согласно точката 2 од страна на Советот на градот Скопје.

25. За изградба на придружни објекти на гробишта (мртовечница, крематориум, посебни објекти за согорување на отпадоци и друг отпаден материјал од гробиштата, санитарни објекти, бунари со индустриска вода и продавници за продажба на свеќи и цвеќе), потребно е да се достави следната документација: 

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на придружните објекти;
  • програма за изведување на придружните објекти доколку истите не се предвидени со урбанистички план или урбанистичко-планска документација,
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата од точката 2, доколку придружните објекти не се предвидени со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата од алинеја 2 на овој став;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови и
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на придружните објекти е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето.

26. За изградба на железнички станици чија изградба е финансирана со средства од Европската унијаили друга меѓународна организација, потребно е да се достави следната документација:

  • извод од урбанистички план или урбанистичко-планска документација со која е предвидена изградбата на железничките станици;
  • програма за изведување на железничките станици доколку истите не се предвидени со урбанистички план или урбанистичко-планска документација,
  • микролокациски услови, кои претставуваат извод од графичкиот и текстуалниот дел на програмата од точката 2, доколку железничките станици не се предвидени со урбанистички план или урбанистичко-планска документација, кои ги издава органот кој ја одобрил програмата од алинеја 2 на овој став;
  • ревидиран основен проект;
  • геодетски елаборат за нумерички податоци изработен согласно изводот од урбанистичкиот план или урбанистичко-планската документација односно согласно микролокациските услови;
  • доказ дека градежното земјиште предвидено за изведување на железничките станици е сопственост на Република Македонија, а доколку земјиштето е во приватна сопственост на физичко или правно лице се доставува договор за долготраен закуп склучен со сопственикот на земјиштето или писмена согласност од сопственикот на земјиштето и
  • доказ дека изградбата на железничките станици е финансирана со средства од Европската унија или друга меѓународна организација.
27. За поставување на опрема за автоматско регулирање на премин преку постојни железнички пруги и инсталации за автоматско следење и управување на сообраќајот на постојни железнички пруги се доставува:
  • основен проект-фаза електрика и приказ на вградената опрема.

28. За поставување на електронска комуникациска опрема за следење и регулирање на сообраќајот на постојни улици се доставува следната документација:

  • основен проект-фаза електрика, а доколку опремата се поставува на посебни портали основниот проект содржи и фаза статика и
  • согласност од сопственикот на порталот, доколку опремата се поставува на постоечки портали.
Надлежниот орган донесува решение за изведување на градбата односно поставување на опремата, во рок од пет работни дена од денот на приемот на барањето, доколку доставената документација е комплетна и се исполнети условите за изведување на градбата односно поставување на опремата, а во спротивно донесува заклучок за прекин на постапката со кој го задолжува инвеститорот да ги отстрани констатираните недостоци во рок од седум работни дена од приемот на заклучокот. Доколку инвеститорот ги отстрани констатираните недостатоци и го дополни барањето во утврдениот рок, надлежниот орган е должен во рок од три работни дена да донесе решение за изведување на градбата, односно поставување на опремата, а во спротивно донесува решение за одбивање на барањето.