Информации

Централен регистар на РМ
бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3290 241,
+ 389 (2) 3290 248
Факс.+ 389 (2) 3123 169
Работно време
Понеделник до петок: 8.30 - 16.30

Постапка за упис на акционерско друштво во трговскиот регистар

Акционерското друштво – е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво.

  • Најмалиот номинален износ на основната главнина, кога друштвото се основа симултано, без јавен повик за запишување акции изнесува 25.000 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на Народната банка на Република Македонија, објавен на денот пред усвојувањето на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина, а кога друштвото се основа сукцесивно, преку јавен по-вик за запишување акции, тој изнесува најмалку 50.000 ЕВРА во денарска противвредност.
  •  Номиналниот износ на акцијата не може да биде помал од 1 ЕВРО, според средниот курс на таа валута, објавен од Народната банка на Република Македонија, ден пред усвојувањето на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар.

Опис на постапка

1. Пријавата за упис до Централниот регистар на Република Македонија ја поднесува органот на управување, односно овластен член на органот на управување, освен ако со ЗТД поинаку не е определено. Уписот во трговскиот регистар се врши во писмена форма или во електронска форма .

2. Овластеното лице е должно во рок од 15 дена од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во трговскиот регистар да поднесе пријава за упис. За пропустите и за штетните последици од ненавремено поднесување на пријавата, овластените лица  им одговараат на основачите лично неограничено и солидарно со сиот свој имот.

3. Во трговскиот регистар се запишуваат:

  • фирмата и седиштето на друштвото;
  • предметот на работење на друштвото;
  • износот на основната главнина и бројот на издадените акции;
  • вкупниот број на уплатени акции;
  • името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта, ако основачот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, ЕМБС, ако е основач правно лице;
  • името и презимето на сите членови на органот на управување, односно на надзорниот одбор и нивниот ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето и ЕМБС, ако член на овие органи е правно лице;
  • времето на траење на друштвото, ако друштвото е основано на определено време и
  • овластувањата за застапување на членовите на органот на управување и на други лица овластени за застапувањето на друштвото.

4. Секоја промена на податоците  се запишува во трговскиот регистар.

5.  Кон пријавата се приложуваar и останатите документи потребни за остварување на постапката.

7. Основачите на друштвото одговараат за веродостојноста, вистинитоста и точноста на податоците содржани во пријавата и за прилозите што со овој закон е определено дека се приложуваат кон пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар.

Обрасците за упис во треговскиот регистар, заинтересираните можат без надомест да подигнат од сите Регионални и Регистрациони канцеларии на Централниот регистар или да ги преземете по електронски пат .

Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени со Тарифата на ЦРМ.

Систем на електронска регистрација

Преку системот за електронска регистрација во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица можете да ги направите сите уписи на основање, промена и бришење на субјекти на упис. Целата постапка можете да ја направите преку интернет (online), без потреба од доаѓање во канцелариите на Централнот регистар.
Поднесувањето на пријавите за упис во регистарот преку интернет можете да ги направите 24 часа на ден.

Секоја промена на податоците , како и пристапувањето на содружник во друштвото, односно истапувањето на содружник од друштвото, се запишуваат во трговскиот регистар.

Обрасците за упис во трговскиот регистар, заинтересираните можат без надомест да подигнат од сите Регионални и Регистрациони канцеларии на Централниот регистар или да ги преземете по електронски пат .

Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени со Тарифата на ЦРМ.

Потребни документи

  • ОБРАЗЕЦ ПО – Пријава за упис на основање на субјект во Трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
  • Статутот;
  • Копија од пасош или од лична карта за странско физичко лице или од друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и неговото државјанство, односно доказ за регистрација, ако е основач правно лице;
  • Доказ за уплатениот износ од банката во којашто е вршена уплата на акциите;
  • Ако се преземаат акции со внесување непарични влогови-договорите со коишто се утврдуваат и спроведуваат тие, извештајот на проценителот и доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар)-доказ за сопственост над подвижната ствар;
  • Одлуките за избор на членовите на органот на управување, односно на надзорниот одбор, ако тие не се назначени со статутот;
  • Ако во основањето се дадени посебни погодности, договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат;
  • Пресметката на трошоците за основање на друштвото во којашто се искажуваат поединечните ставки и вкупните трошоци;
  • Основачкиот извештај и извештајот за ревизија на основањето, ако таков извештај бил подготвен;
  • Дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во трговскиот регистар;
  • Изјава од застапникот по закон, односно изјава од физичко лице дека не постои пречка да биде основач на друштвото (член 29 од ЗТД);
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон и дека податоците содржани во прилозите (исправите и доказите) коишто ги поднесуваат кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со закон. Изјавата може да биде поднесена во писмена форма или во електронска форма преку едношалтерскиот систем во согласност со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис, Законот за Централниот регистар на Република Македонија и прописите за едношалтерски систем. Истата се заверува кај нотар, односно не се заверува во случај кога се поднесува во електронска форма преку едношалтерскиот систем (член 32 од ЗТД) и
  • Извршните членови на одборот на директори, односно членовите на управниот одбор, како и другите лица кои, според статутот, се овластени за застапување, поднесуваат потписи – заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се. Потписот не се заверува кај нотар ако се поднесува во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис.