Информации

Министерство за правда
Управа за водење на матичните книги на РМ
бул. „Св. Кирил и Методиј“ 54, 1000 Скопје
e-пошта: contact@uvmk.gov.mk
Тел.: 02 3223-787
Факс: 02 3215-406
Работно време: од понеделник до петок, од 7:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот
Подрачни одделенија и канцеларии на Управата низ државата

Постапка за упис на новороденче во матична книга на родени

Детето треба да биде запишано во матичната книга на родените веднаш по неговото раѓање и од раѓањето има право на лично име и право да се стекне со државјанство.

Доколку е родено во здравствена организација (болница), здравствената организација е должна да го пријави детето во матичната служба во местото каде што се родило, во рок од 15 дена.

Доколку е детето родено на место различно од здравствена организација (болница), пријавувањето на раѓањето на детето го врши (а) таткото на детето; (б) лице во чиј стан е родено детето; (в) мајката на детето (кога ќе се чувствува способна за да го пријави раѓањето) или (г) здравствениот работник кој учествувал во породувањето. Пријавувањето се врши писмено или усно на записник на матичарот од матичното подрачје на кое се родило детето, во рок од 30 дена од денот на раѓањето. Во случај наведените лица да не се во можност да го пријават раѓањето, тогаш тоа го прави она лице кое дознало за раѓањето на детето.

Доколку детето е родено во сообраќајно средство (возило), раѓањето се пријавува на матичарот во матичното подрачје во кое завршило патувањето на мајката, а пријавувањето го врши некое од лицата наведени погоре.

Доколку е најдено родено дете чии родители не се познати, тогаш тоа дете исто така се запишува во матичните книги во местото каде што е најдено.
Доколку детето е родено мртво, треба да се пријави во рок од 24 часа од моментот на смртта.

Во случај кога детето не се родило во здравствена организација (болница), за пријавување на неговото раѓање се поднесува барање за издавање на извод од матичната книга на родените до подрачното одделение на Управата за водење на матичните книги.

Доколку се пријавува раѓање на дете во брачна заедница, кон барањето за издавање на извод од матичната книга на родените се приложуваат следните документи:

1. Копија од лична карта/пасош од родителите и оригинал на увид;
2. Извод од матичната книга на венчани од родителите;
3. Уплатница на износ од 100,00 денари на име административна такса;
4. Уплатница на износ од 50,00 денари на сметка на Управата за водење на матични книги за обезбедување извод од матичната книга на родените за детето.

Наведените износи може да се уплатат и со картичка непосредно на шалтерот при Управата за водење на матичните книги.

Доколку се пријавува раѓање на дете во вонбрачна заедница, кон барањето за издавање на извод од матичната книга на родените се приложуваат истите документи како погоре, само наместо извод од матичната книга на венчаните од родителите се приложува извод од матичната книга на родените од родителите, при што задолжително е присуството на двајцата родители.

Доколку се пријавува раѓање на дете родено во странство, а неговите родители се државјани на Република Македонија се поднесуваат следните документи:

1. Барање за упис во матичната книга на родените на Република Македонија, потпишано од двајцата родители (доколку само еден од родителите е државјанин на Република Македонија, неопходна е согласност од другиот родител);
2. Извод од матичната книга на родените за детето, со апостил печат, во оригинал (апостилот е потребен доколку државата каде што е родено е потписничка на Хашката конвенција);
3. Превод на македонски јазик на изводот од матичната книга на родените за детето (доколку државата каде што е родено детето е членка на Виенската конвенција за издавање изводи од матичната книга на повеќе јазици од 1976 година, превод не е потребен);
4. Извод од матична книга на венчаните за родителите на детето.

За следните прекршоци се изрекува глоба, и тоа:

– На здравствената установа ако не го пријави раѓањето на дете или ако не ја пријави смртта на дете во пропишаниот рок, ќе ѝ се изрече глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност;
– На физичко лице ако не го пријави раѓањето на дете во пропишаниот рок, ќе му се изрече глоба од 30 до 100 евра во денарска противвредност;
-На матичарот за внесување невистинити податоци во матичната книга на родени, ќе му се изрече глоба од 200 до 490 евра во денарска противвредност.