Информации

Министерство за правда
Управа за водење на матичните книги на РМ
бул. „Св. Кирил и Методиј“ 54, 1000 Скопје
e-пошта: contact@uvmk.gov.mk
Тел.: 02 3223-787
Факс: 02 3215-406
Работно време: од понеделник до петок, од 7:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот
Подрачни одделенија и канцеларии на Управата низ државата

Постапка за запишување на лично име во матична книга на родени

По запишување на раѓањето на детето во матичната книга на родени, мора да се пријави и да се запише и личното име на детето, во рок од 2 месеци од денот на раѓањето на детето (раѓањето може да се пријави без да се пријави истовремено и личното име на детето).

Личното име се состои од име и презиме, при што и името и презимето можат да содржат повеќе зборови. Личното име се запишува во матичните книги на македонски јазик и неговото кирилско писмо, а имињата на припадниците на националностите се запишуваат и според јазикот и писмото на националностите.

По пријавување на раѓањето на детето, како и на неговото лично име, родителите може да поднесат барање за издавање на извод од матичната книга на родените за детето. На шалтерите на управните служби на Управата за водење на матичните книги се прави устен записник, a присуството на родителите е задолжително.  За оваа постапка потребно е да се приложат следните документи:

1. Копија од лична карта/пасош од родителите и оригиналот на увид;
2. Копија од извод од матичната книга на венчани од родителите и оригиналот од изводот на увид или копија од извод од матичната книга на родени од родителите и оригиналот од изводот на увид, ако се работи за вонбрачна заедница и
3. Уплатница на износ од 250,00 денари на име административна такса.

Наведениот износ може да се уплати и со картичка непосредно на шалтерот при Управата за водење на матичните книги.

За непријавување на личното име на дете во пропишаниот рок, на физичкото лице ќе му се изрече глоба за прекршок во износ од 30 до 100 евра во денарска противвредност.