Информации

Фонд за здравствено осигурување на РМ
ул. „Македонија“ бб, 1000 Скопје (Централа), тел.: + 389 (2) 3289-000, факс: +389 2 3289-048
Бесплатен телефонски број: 0800 33 222, 076 339 180
Е-пошта: info@fzo.org.mk
Подрачна едница Скопје
бул. „Кочо Рацин“ бр. 91, 1000 Скопје
тел.: +389 (2) 3118 566
факс: +389 (2) 3164 848
Работно време:
8:30 - 16:30 часот

Право на користење здравствени услуги во странство (болничко лекување во странство)

Болничкото лекување во странство е достапно за осигурените лица во Република Македонија ако се работи за заболување кое не може да се лекува кај нас, а во земјата во која се упатуваат постои можност за успешно лекување.

Постапката започнува откако осигуреното лице ќе го пополни барањето за болничко лекување во странство – Образец Л-1 и ќе го достави до Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во подрачната служба во местото каде што е пријавено во задолжително здравствено осигурување). Ако станува збор за малолетни лица и лица лишени од деловна способност, барањето го поднесува нивниот родител, посвоител или старател.

Кон барањето се приложуваат и следните документи од страна на осигуреникот:

– предлог за упатување на лекување во странство од соодветната универзитетска клиника во Скопје;
– медицинска документација за текот на лекувањето;
– доказ за трансакциска сметка за подносителот на барањето.

Фондот по службена должност ги обезбедува следните документи:

– профактура од странската здравствена установа или приватна здравствена установа во РМ;
– решение од Министерството за труд и социјална политика – Центар за социјални работи доколку осигуреното лице има својство на дете со посебни потреби.

Предлогот за упатување на лекување во странство го дава конзилиум од најмалку тројца лекари и директорот на соодветната клиника, и важи три месеци од денот на издавањето. Врз основа на предлогот за упатување на лекување во странство и приложената медицинска и друга потребна документација за текот на лекувањето во здравствените установи во Републиката, односно соодветната клиника при Клиничкиот центар – Скопје, согласност за прием на лекување во странската здравствена установа со предлог за начинот на лекување и назначување на термин за лекувањето и профактура од странската здравствена установа, оцена и мислење за потребата од лекување во странство дава првостепената лекарска комисија за лекување во странство при Фондот.

По добиената согласност од странската здравствена установа за прифаќање на лекувањето, во која е одреден термин за прием на лекување, и по оцена и мислење добиени од првостепената лекарска комисија, осигуреното лице врши уплата во износ од 20% учество од доставената профактура на странската здравствена установа за лекувањето во странство.

Фондот донесува решение за упатување на лекување во странство по оцената и мислењето од првостепената лекарска комисија и по извршената уплата на учеството од 20% од доставената профактура на странската здравствена установа за лекување во странство. Од уплата на учеството од 20% во вкупните трошоци се ослободуваат деца со посебни потреби, според прописите за социјална заштита. Својството на дете со посебни потреби осигуреното лице го докажува со решение од надлежниот Центар за социјална работа при Министерството за труд и социјална политика.

Фондот врши уплата на средствата за лекување во странство на странската здравствена установа за осигуреното лице кое е упатено со решение од Фондот по закажаниот термин на лекување во странската здравствена установа. Против решението на Фондот осигуреното лице има право на  жалба во рок од 15 дена до второстепената комисија за упатување на лекување во странство при  Министерството за здравство. Решението по жалба Управниот одбор на Фондот мора да го донесе најдоцна во рок од 30 дена врз основа на мислење од второстепената лекарска комисија за лекување во странство. Против конечното решение на Управниот одбор на Фондот може да се води управен спор.