Информации

Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на РМ
Стручна служба – Централа – Скопје
ул. „23 Октомври” бр. 11, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3250 100
Факс. + 389 (2) 3162 275
Инвалидски комисии
Тел. + 389 (2) 3065 184
Факс. + 389 (2) 3065 223
Контакт-центар тел.:
15 215 (секој работен ден од 9:00 – 16:00)

Право на паричен надоместок за професионална рехабилитација

Кога кај осигуреник е утврдена професионална неспособност за работа, што значи дека работната способност му е намалена за повеќе од 50%, но најмногу до 80%, неопходно е да му се утврди преостанатата работна способност од страна на Комисијата за оцена на работна способност во рамките на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РМ. Оваа комисија како критериуми за оцена на преостанатата работна способност ги зема здравствената состојба на осигуреникот, годините на живот, образование и способност и, во согласност со нив, утврдува дали осигуреникот кај кој настанала професионална неспособност за работа може по пат на професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга работа со полно работно време.

Инвалид на трудот кој, во согласност со наодот и мислењето на Комисијата за оцена на работна способност, се стекнал со професионална рехабилитација се оспособува за вршење на друга соодветна работа за која е потребна стручна подготовка која одговара на работите што ги вршел  на својата работа пред настанувањето на инвалидноста. По исклучок, професионалната рехабилитација може да се обезбеди за друга работа за која е потребна стручна подготовка која е повисока од онаа која одговара на  работите кои осигуреникот ги вршел пред настанувањето на инвалидноста, ако таквото оспособување е оправдано со оглед на стручноста, годините на живот, работното искуство, склоноста на осигуреникот и ако постои реална можност за вработување  по завршеното оспособување.

Независно од наодот на Комисијата, крајниот збор за понатамошниот ангажман на лицето кај коешто била утврдена професионална неспособност за работа ја има неговиот работодавач. Работодавачот треба да ги земе предвид насоките на Комисијата при изборот на другото работно место за коешто би можел да се оспособи осигуреникот.

Од друга страна, доколку Комисијата не може да утврди дека осигуреникот може да се оспособи за вршење на друга работа, осигуреникот под услови определени со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се стекнува со право на инвалидска пензија.

Можно е осигуреник за кој веќе било утврдено постоење на професионална рехабилитација од страна на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување повторно да биде упатен на преглед кај Комисијата за оцена на работната способност доколку:

– во рок од 6 месеци, сметано од денот на конечноста на решението за признавање на правото, не е упатен на професионална рехабилитација;
– веќе за него било одредено која работа ќе ја извршува, но по мислење на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување нема да може да се оспособи за вршење на таквата работа.

Освен на повторни прегледи, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување може да го упати осигуреникот и на контролен преглед, на којшто доколку осигуреникот не отиде, ризикува да му биде стопирана исплатата на пензијата. Ова не важи доколку осигуреникот не се јавил на прегледот поради болничко лекување во земјава или во странство, односно во таков случај нема да следува запирање на исплатата на пензијата додека не заврши лекувањето, односно додека осигуреникот не се јави на контролен преглед.
Осигуреникот кој стекнал право на професионална рехабилитација, од денот на настанувањето на инвалидноста до денот на почетокот на професионалната рехабилитација, за време на професионалната рехабилитација и од денот на завршување на професионалната рехабилитација до вработувањето на соодветното работно место има право на надоместок на плата во висина на инвалидската пензија во случај на професионална неспособност за работа. Висината на инвалидската пензија се определува во случај на повреда на работа или професионална болест во висина од 80% од пензиската основица за определување на инвалидската пензија, а во случај на повреда надвор од работа или болест во висина на инвалидска пензија настаната поради професионална неспособност за работа.