Информации

Фонд за здравствено осигурување на РМ
ул. „Македонија“ бб, 1000 Скопје (Централа), тел.: + 389 (2) 3289-000, факс: +389 2 3289-048
Бесплатен телефонски број: 0800 33 222, 076 339 180
Е-пошта: info@fzo.org.mk
Подрачна едница Скопје
бул. „Кочо Рацин“ бр. 91, 1000 Скопје
тел.: +389 (2) 3118 566
факс: +389 (2) 3164 848
Работно време:
8:30 - 16:30 часот

Право на протези и други ортопедски помагала

Осигуреното лице  остварува право на протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства.

Осигуреното лице го остварува правото на ортопедско и друго помагало врз основа на потврда за потреба од ортопедско помагало, која ја издава лекар специјалист од одредена специјалност, додека пак правото на остварување на заботехнички средства го остварува врз основа на потврда издадена од избраниот стоматолог на предлог од лекар специјалист од соодветна специјалност. Потврдите за ортопедското помагало ги заверува подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување според местото на осигурување на осигуреното лице. На една потврда на осигуреното лице може да му се препише само еден вид помагало за одредена индикација.  За ортопедските помагала, односно  за миоелектронска протеза, инвалидска количка на електромоторен погон и изработување на ново заботехничко или забнопротетичко средство, потврдата за потребата од ортопедско помагало се заверува по претходно прибавено мислење од првостепената лекарска комисија на Фондот.

Осигуреното лице, врз основа на заверена потврда за потребата од ортопедско помагало, го презема одобреното помагало од правното лице кое изработува или набавува ортопедски помагала, а со кое Фондот за здравствено осигурување има склучено договор. Притоа, пожелно е да се земе предвид листата на интернет-страницата на Фондот за здравствено осигурување каде што се наведени сите правни субјекти (генерално од Македонија и одделно за секоја општина) кои имаат склучено договор за издавање на ортопедски помагала.

За извршената здравствена услуга на осигуреното лице му се наплатува учество (партиципација), односно осигурените лица учествуваат до 50% од утврдената цена на протезите, ортопедските и други  помагала  и  санитетски  средства  изработени  од  стандарден  материјал. Од учество се ослободуваат децата до 18-годишна возраст и осигурените лица кои имаат потреба од протези за долни и горни екстремитети, слушни  протези,  ортооптички  помагала  и  инвалидска  количка  и  од  медицински помагала за функција на физиолошките празнења.