Информации
Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Работни денови:
понеделник – петок и секоја прва сабота во месецот
Работно време:
од 8:30 до 16:30 часот
Престанок или отпуст на државјанство на РМ
Државјанството на Република Македонија престанува со отпуст или според меѓународни договори. Отпуст од државјанство може да се побара и за дете до наполнети 18 години. Пред поднесување на барањето за отпуст од државјанството на РМ треба да бидат исполнети строги законски услови.
Барањето се поднесува до секторот за внатрешни работи при Министерството за внатрешни работи според подрачјето на кое барателот има живеалиште.
Кон барањето се поднесуваат следните документи:
– лична карта на барателот или друг документ за лична идентификација на којшто има фотографија и кој е издаден од државен орган;
– биографија на барателот;
– гаранција дека подносителот на барањето ќе биде примен во странско државјанство или доказ дека се стекнал со странско државјанство;
– извод од матична книга на родени/венчани (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– доказ од надлежен Центар за социјални работи дека подносителот на барањето ги има регулирано имотноправните обврски и други законски обврски кои произлегуваат од брачниот однос и односот на родители и деца кон лица кои живеат во РМ (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– согласност од надлежен орган за старателство (доколку се работи за отпуст од државјанство за малолетно дете, каде што другиот родител не дал согласност) (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– доказ дека се намирени имотноправните и другите законски обврски спрема Фондот за здравствено осигурување (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– доказ дека се намирени имотноправните и другите законски обврски спрема Управата за јавни приходи (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– доказ од Централен регистар дека не е поведена стечајна постапка, односно постапка за престанок на трговско друштво чиј основач/содружник е подносителот на барањето (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност, подносителот на барањето треба да приложи доказ за наплатена административна такса од 10 евра во денарска противвредност);
– доказ од надлежен суд во РМ дека против подносителот на барањето не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност или ако е осуден на казна затвор, доказ дека ја издржал казната (Министерството за внатрешни работи го обезбедува по службена должност);
– други документи кои се условени од начинот на кој се стекнува државјанство и
– уплата на износ од 5.749,00 денари на следната сметка:
Повикување на број : 724122
Цел на дознака: Отпуст од македонско државјанство
Назив на примачот: Буџет на Република Македонија
Банка на примачот: Народна банка на РМ
Сметка на примачот: 100000000063095
Уплатна сметка: 840XXX03161
Приходна шифра и програма: 72231300
Освен со уплатница, наведениот износ може да се уплати и со картичка директно на шалтерот на секторот за внатрешни работи до кој се поднесува барањето за издавање на уверение за државјанство.
Решение за отпуст на државјанство на РМ може да се обезбеди во рок од 2 до 6 месеци од моментот на поднесување на барањето за отпуст.