Информации

Управа за јавни приходи на РМ
Генерална дирекција
бул. Кузман Jосифовски-Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел.
+389 (2) 3299 500; 075/346 986
Факс
+389 (2) 3281 010
Email:
info@ujp.gov.mk
Инфо центар:
0800 33 000
Пријави неправилности::
198
Работно време
од понеделник до петок
од 08:30 до 16:30 часот Регионални дирекции

Пријавување и плаќање на ДДВ

Периодот за кој се пресметува и плаќа ДДВ е даночен период.

Во зависност од остварениот промет даночниот период може да биде:

  • календарски месец – доколку вкупниот промет во изминатата календарска година надминал износ од 25 милиони денари;
  • календарско тримесечје – доколку вкупниот промет во изминатата календарска година не надминал износ од 25 милиони денари;
  • календарска година – доброволно регистрирани даночни обврзници и доколку вкупниот промет во изминатата календарска година не надминал износ од 1.300.000 денари.

Пријавувањето на данокот кој се должи или побарува од страна на даночниот обврзник се врши со Даночна пријава за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-04) и во истата самиот го пресметува данокот за соодветниот даночен период.

1) Регистрираните корисници на електронските услуги на УЈП, пријавата ја пополнуваат и поднесуваат електронски преку системот е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk/

Од 1 јануари 2013 година месечните ДДВ обврзници, даночната пријава на ДДВ задолжително треба да ја поднесуваат по електронски пат преку е-Даноци https://etax-fl.ujp.gov.mk/,  додека законскиот рок за тримесечните ДДВ обврзници е 1 јули 2013 година.

2) На ДДВ обврзниците кои не се корисници на системот е-Даноци, УЈП има доставува персонализирана пријава “ДДВ-04“, која треба да ја пополнат и достават на шалтерите на УЈП или преку пошта,  на посебниот поштенски фах на Регионалната дирекција на УЈП, на која припаѓаат (види поштенски фах тука).

Напомена: Доколку обврзникот од било какви причини не ја добил персонализираната пријава “ДДВ-04“ на неговата адреса или пак поднесува исправка на ДДВ-пријава, во тој случај задолжително треба да го преземе пропишаниот образец од веб страницата на УЈП и компјутерски да ги пополни податоците во пријавата. Пополнетата пријава се доставува на шалтерите на УЈП или преку пошта на посебниот поштенски фах на Регионалната дирекција на УЈП, на која припаѓа ДДВ обврзникот.

Даночните обврзници кои се обврзани за регистрација или кои доброволно се регистрирале за целите на данокот на додадена вредност, обврзани се да поднесат Даночна пријава на данокот на додадена вредност (образец “ДДВ-04”) за секој даночен период (месец, тримесечје или година). ДДВ-пријавата се поднесува во рок од 25 дена по истекот на соодветниот даночен период. ДДВ-пријавата се поднесува и во случај кога даночниот обврзник во соодветниот даночен период нема извршено оданочив промет. Во случај на престанок со вршење на дејност, даночниот обврзник е должен да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец, во кој престанал со дејноста. Во случај на промена на даночниот период, врз основа на поднесено и одобрено барање од УЈП, даночниот обврзник е должен да поднесе даночна пријава во рок од 25 дена по истекот на календарскиот месец во кој е поднесено барањето, за периодот од почетокот на календарската година до крајот на месецот во кој е поднесено барањето. Даночните должници кои неовластено искажале ДДВ во фактурите должни се да поднесат ДДВ-пријава за оној даночен период за кој настанал даночниот долг. Ваква обврска имаат и даночните должници кои не се регистрирани за целите на ДДВ, а кои се јавуваат како приматели на добра или корисници на услуги за промет кој е извршен од даночните обврзници кои немаат ниту седиште, ниту подружница во Р.М.

>> “Упатството за регистрација и користење на е-Даноци”

Кон даночната пријава, за соодветниот даночен период, даночниот обврзник е должен да поднесе:

  • Периодичен финансиски извештај од одобрените фискални системи на опрема за регистрирање на готовинските плаќања и
  • Периодичен извештај од неговите денарски трансакциски сметки и девизни сметки, по електронски пат, преку носителот на платниот промет.