Информации

Министерство за правда
Управа за водење на матичните книги на РМ
бул. „Св. Кирил и Методиј“ 54, 1000 Скопје
e-пошта: contact@uvmk.gov.mk
Тел.: 02 3223-787
Факс: 02 3215-406
Работно време: од понеделник до петок, од 7:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот
Подрачни одделенија и канцеларии на Управата низ државата

Пријавување и склучување на брак во просториите на Управата за водење на матичните книги

За да биде легална, брачната заедница треба да биде регистрирана во некое од подрачните одделенија при Управата за водење на матичните книги надлежни за водење на матичните книги на венчаните.

Опис на постапката

Регистрацијата започнува со закажување термин за склучување брак. Идните брачни другари поднесуваат барање до подрачното одделение при Управата за водење на матичните книги, и тоа според местото на чие подрачје се наоѓа матичната служба во која сакаат да ја спроведат регистрацијата на бракот. Барањето за склучување на брак може да се даде писмено или усно на записник. Бидејќи записникот ќе ги содржи и идните презимиња на брачните другари, неопходно е уште во моментот на пријавувањето лицата кои имаат намера да склучат брак веќе да имаат определено кое презиме ќе го носат по склучувањето на бракот.

Кон барањето, идните брачни другари приложуваат и:
1. Копија од лична карта и оригиналот на увид;
2. Извод од матичната книга на родените;
3. Уплатница на износ од 100,00 денари на име административна такса;
4. Уплатница на износ од 50,00 денари на сметката на Управата за водење на матични книги за обезбедување на извод од матичната книга на венчани.

При поднесување на горенаведените документи, лицето надлежно за водење на работите од областа на матичните книги на венчаните ќе провери, врз основа на изјавата на лицата кои сакаат да стапат во брак, а по потреба и на друг начин, дали постои законска пречка за склучување на бракот. Во истиот момент се определуваат и денот и часот за склучувањето на бракот во договор со лицата кои сакаат да склучат брак.

Склучувањето на бракот се врши на свечен начин и во посебно определена службена просторија. Бракот се склучува во присуство на лицата кои сакаат да склучат брак,  член на советот на општината што тој ќе го определи, двајца сведоци и матичарот. Сведок при склучување на брак може да биде секое деловно способно лице. Во посебни оправдани случаи, органот надлежен за водење на матичните книги на венчаните може со решение да дозволи бракот да се склучи со присуство само на еден од идните брачни другари и полномошник на другиот брачен другар.

Бракот е склучен кога идните брачни другари ќе се потпишат во матичната книга на венчани.

Веднаш по запишувањето во матичната книга на венчаните, на брачните другари ќе им се издаде извод од матичната книга на венчани.