Информации

Министерство за правда
Управа за водење на матичните книги на РМ
бул. „Св. Кирил и Методиј“ 54, 1000 Скопје
e-пошта: contact@uvmk.gov.mk
Тел.: 02 3223-787
Факс: 02 3215-406
Работно време: од понеделник до петок, од 7:00 до 21:30 часот, како и првата сабота во месецот од 8:00 до 16:00 часот
Подрачни одделенија и канцеларии на Управата низ државата

Пријавување на починато лице и издавање извод од матична книга на умрени

Опис на постапката

Смрт на лице се пријавува писмено или усно на записник на матичарот од матичното подрачје на кое настапила смртта, односно каде што е пронајден умрениот, најдоцна во рок од 3 дена од денот на смртта, односно пронаоѓањето на умрениот.
Смртта треба да ја пријават членовите на семејството со кои живеел умрениот. Ако умрениот немал семејство или ако семејството не е во можност да ја пријави смртта, обврската за пријавување се однесува на лицата со кои живеел умрениот или членовите на поширокото семејство кои дознале за смртта, односно лицата во чиј стан настапила смртта. А кога ги нема ни овие лица, смртта ја пријавува лицето кое прво дознало за неа.

Доколку лицето умрело во здравствена организација, воена единица на Армијата на Републиката или казнено-поправна установа, пријавувањето треба да го изврши организацијата, единицата, односно установата во која лицето умрело.

При пријавувањето на смрт се поднесува потврда за смртта издадена од здравствена организација. Ако за смртта не е издадена потврда, смртта ја потврдуваат двајца сведоци со изјава пред матичарот. Без потврда за смрт или без изјави од сведоци матичарот не смее да ја запише смртта во матичните книги.

Смрт на лице која настапила во сообраќајно средство или во сообраќајна несреќа се пријавува на матичарот од матичното подрачје каде што се закопува умрениот. Ако умрениот се закопува во странство, смртта се пријавува на матичарот од матичното подрачје каде што настапила смртта, а ако местото не е познато, на матичарот од матичното подрачје каде што е најден умрениот.

Смртта на лице чиј труп е најден матичарот ја запишува во матичните книги врз основа на записникот за наоѓање на трупот, кој го доставува органот кој го извршил увидот.

Прогласувањето на исчезнато лице за умрено и смртта докажана во судска постапка се запишуваат во матичната книга на умрените врз основа на правосилна судска одлука. Надлежниот суд му ја доставува одлуката на матичарот од матичното подрачје во кое умрениот имал живеалиште, во рок од 15 дена од правосилноста.

За пријавување починато лице и за издавање извод од матичната книга на умрени потребни се следните документи:

1. Потврда за смртта издадена од болница;
2. Лична карта/пасош на починатото лице и на пријавителот;
3. Барање за издавање извод од матичната книга на умрени;
4. Уплатница на износ од 100,00 денари на име административна такса;
5. Уплатница на износ од 50,00 денари за издавање извод од матична книга на умрени.

Наведените износи можат да бидат уплатени и со картичка директно на шалтерот при Управата за водење на матичните книги.

Рокот за обезбедување на изводот од матичната книга на умрените е 2-3 дена од поднесување на барањето заедно со потребните документи.

За упис на македонски државјанин што починал во странство во матичната книга на умрени во Република Македонија потребни се следните документи:

1. Барање за издавање извод од матичната книга на умрените;
2. Лична карта/пасош на барателот;
3. Извод од матична книгата на умрените издаден од државата каде што настапила смртта;
4. Легализиран превод на македонски јазик на извод издаден на обичен образец;
5. Спроводница доколку лицето треба да се пренесе во Република Македонија.

Доколку е потребно издавање на интернационален извод од матичната книга на умрени, во горниот дел од барањето за издавање на извод од матичната книга на умрени, треба да се напише ИНТЕР.