Информации

Централен регистар на РМ
бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3290 241,
+ 389 (2) 3290 248
Факс.+ 389 (2) 3123 169
Работно време
Понеделник до петок: 8.30 - 16.30

Регистар на годишни сметки

Регистарот на годишни сметки претставува единствена централна електронска информативна база во Република Македонија, во која се евидентираат, прибираат, кумулираат и чуваат сите релевантни финансиски податоци и показатели за работењето, финансиската и економската способност на сите правни субјекти во државата кои даваат приказ за деловниот резултат и финансиската состојба на субјектите (средства капитал и обврски).

Целта на системот за годишни сметки е на едно место да ги прибере и зачува информациите за сите годишни сметки, при што се обезбедува високо ниво на безбедност и користење на податоците, како и податоци за доставеноста на годишните сметки од страна на субјектите обврзници за нивно доставување.

Во базата има кумулирани податоци од годишните сметки за субјектите од нефинансискиот сектор за повеќе од десет години наназад. Ова дава можност за следење на економската способност на друштвата за период подолг од две и повеќе години и дава можност за согледување на трендот на успешноста.

  • Сите субјекти се должни согласно законската регулатива во законски определениот рок да достават годишни сметки до Регистарот за годишни сметки, односно во рок од 60 дена од денот на отварањето на постапката за ликвидација или стечајна постапка или на настанување на статусна промена.
  • Големите и средните субјекти, субјектите кои вршат банкарски дејности, дејности на осигурување, трговците кои котираат на берза, како и трговците чии финансиски извештаи влегуваат во консолидирани финансиски извештаи усогласени со меѓународните сметководствени стандарди, доставуваат и финансиски извештаи, консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи, ревидирани годишни сметки и ревидирани и одобрени финансиски извештаи и ревидирани и одобрени консолидирани годишни сметки и финансиски извештаи.
  • Централниот регистар на субјектите обврзници за доставување на годишните сметки, им обезбедува апликативно решение во согласност со постојните законски прописи, со кое се овозможува доставување на веќе проверени и точни податоци врз основа на изготвени шеми за сметковна и логична проверка на податоците.
  • Врз основа на обработените податоци заинтересираните субјекти можат да добијат глобална информација за остварените финансиски резултати за група на субјекти и индивидуално за пооделен субјект (за деловен партнер). Групното презентирање на субјектите се врши според НКД (по дејности групи, класи, поткласи), според големината на субјектите (микро, мали,средни и големи), по сопственоста на нивниот капитал (општествена, државна, приватна, мешовита и странски капитал) и по општини и истите претставуваат база за донесување на фискални, монетарни и глобални решенија,за креирање на макроекономската политика на државата.

Централниот регистар врз основа на податоците од годишните сметки (Билансот на состојбата и Билансот на успехот) обезбедува  информации, и тоа:

  • Извештај за билансот на состојба и податоци од билансот на успех
  • Информација за економско финансиската состојба
  • Листинг од обработена годишна сметка
  • Листинг од обработена годишна сметка и готовински тек
  • Листинг од обработена годишна сметка и готовински тек на англиски јазик
  • Скратен исказ од годишна сметка
  • Скратен исказ од годишна сметка со оценка за работењето
  • Анализа на паричен тек и промени на капиталот
  • Оценка на ликвидност со мислење
  • СПД

Корисници на збирните податоци и информации за креирање на макроекономската политика на државата се: Владата на РМ, министерствата и други државни органи и институции и Светска банка. Овие податоци едновремено ги користи и Заводот за статистика на РМ за утврдување на бруто домашниот производ и национални сметки. Во базата на податоци се опфатени следните групи на субјекти:

  • нефинансискиот сектор (трговски друштва);
  • финансиски сектор (банки и други финансиски организации;
  • осигурителни друштв;
  • буџети и фондови (Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и на буџетите на фондовите) Наведените обврзници доколку имаат отворено сметки за други намени, за нив поднесуваат посебна годишна сметкa;
  • корисници на средства од буџети и фондови (органи на управата, организации од образованието, науката и културата, социјалната заштита, здравството, работничките универзитети и студентските центри, центри за унапредување на земјоделието и други субјекти кои целосно или претежно се финансираат од буџетите. И овие обврзници доколку имаат отворено сметки за други намени, за нив поднесуваат посебна годишна сметка;
  • самостојни вршители на дејност (физичко лице-трговец поединец, трговец поединец, физичко лице кое се занимава со земјоделска дејност, занаетчиска дејност и слободни занимања) и
  • непрофитни организации (невладини и други здруженија на граѓани).- стопански комори, политички партии, синдикати.

Регистарот за годишни сметки врз основа на базата на податоци врши класифицирање на субјектите според големината, според утврдени критериуми за бројот на вработените, вкупниот приход и просечната вредност на деловна актива, пропишани со Законот за трговски друштва. Распоредувањето се врши во микро, мали, средни и големи субјекти.

Расположивиот фонд на податоци во базата на Регистарот за годишни сметки, дава можност Централниот регистар подготви информација за економско финансиска состојба на субјектот како и извештај за биланс на состојба и податоци од билансот на успех. Извештајот за биланс на состојба и податоци од билансот на успех се подготвува врз основа на Законот за Јавни набавки (член 150) и е дел од тендерската документација. Документот содржи:

  • општи податоци за субјектот,
  • податоци за средствата и изворите на средства,
  • финансиски резултати за последните 3 години,
  • податоци за дејноста на која и припаѓа субјектот и неговото учество во дејноста и
  • податоци за вработените, показатели за работењето како и толкување на истите.

Информацијата за економско финансиска состојба на субјектот се изготвува врз основа на податоците од годишните сметки односно сметководствените искази: Биланс на состојбата и Билансот на успехот во форма на извештај со оценка на показателите за финансиската стабилност (финансиска сигурност, степен на самофинансирање и кредитна способност), показатели за ликвидноста (општа и тековна ликвидност) и деловната успешност (работење со добивка или загуба), степенот на акумулативна и репродуктивна способност и профитабилност во работењето и дава толкување на показателите. Информацијата за економско финансиска состојба на субјектот содржи и податоци за извршената економско- финансиска ревизија.

Информациите, индикаторите, преписите од годишните сметки и други податоци со кои располага Централниот регистар, можат да се добија врз основа на доставено барање во кое прецизно треба да се дефинираат потребите. Во барањето, за субјектите за кои се бараат податоци, треба да биде наведено и следното:

  • Назив на субјектите, а ако се бараат податоци за периодот до 2000 година и броевите на жиро сметките што се воделе во Заводот за платен промет
  • Дата на отпочнување на деловната активност ако се работи за нов субјект, кој отпочнал со работа во тековната година.

Надоместокот за добивање на податоците од Регистарот за годишни сметки е утврден со Тарифата за висината на надоместокот за користење на услугите од Централниот регистар на Република Македонија.