Информации

Управа за јавни приходи на РМ
Генерална дирекција
бул. Кузман Jосифовски-Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел.
+389 (2) 3299 500; 075/346 986
Факс
+389 (2) 3281 010
Email:
info@ujp.gov.mk
Инфо центар:
0800 33 000
Пријави неправилности::
198
Работно време
од понеделник до петок
од 08:30 до 16:30 часот Регионални дирекции

Регистрација за целите на ДДВ

Даночен обврзник е лице кое трајно или повремено самостојно врши стопанска дејност, независно од целите и резултатите од таа дејност.

Даночни обврзници за ДДВ можат да бидат правни и физички лица, како и здружувања на лица кои остваруваат приходи во рамките на нивната стопанска дејност.

Задолжителна регистрација за ДДВ

  • Даночните обврзници кои во претходната календарска година оствариле вкупен промет повисок од 1.000.000 денари се обврзани за ДДВ регистрација.
  • Даночните обврзници кои во текот на календарската година остварат вкупен промет над 1.000.000 денари, обврзани се за регистрација за целите на данокот на додадена вредност.
  • Даночните обврзници кои отпочнуваат со вршење на стопанска дејност, доколку предвидуваат дека ќе остварат промет над 1.000.000 денари, исто така, задолжително треба да се регистрираат за целите на данокот на додадена вредност.

Вкупен промет за цели на регистрацијата за ДДВ –  претставува збир на оданочивиот промет, остварен во изминатата календарска година, вклучувајќи го и данокот на додадена вредност кој отпаѓа на него, освен прометот ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок.

  • Ако даночниот обврзник ја вршел својата дејност само во еден дел од календарската година, фактичкиот вкупен промет се пресметува на ниво на вкупен промет за целата календарска година.

Поднесување на пријава за регистрација за ДДВ

Регистрацијата за ДДВ се врши со поднесување на Пријава за регистрација за данокот на додадена вредност (образец ДДВ-01).

Пријавата за регистрација за данокот на додадена вредност се поднесува до Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи според седиштето/живеалиштето на даночниот обврзник.

Рокови за поднесување на пријавата за регистрација за ДДВ

Пријавата за регистрација за ДДВ се поднесува до:

  • 15-ти јануари во тековната година од даночните обврзници кои:
    • во изминатата календарска година оствариле вкупен оданочив промет над 1.000.000 денари;
    • доброволно се регистрираат за целите на ДДВ.
  • 15-ти во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот, од даночните обврзници кои во текот на календарската година го надминат износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари.
  • во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста од даночните обврзници кои:
    • започнуваат со вршење на дејност во текот на календарската година;
    • доколку даночниот обврзник претходно вршел стопанска дејност ослободена од данок без право на одбивка на претходниот данок, а во текот на годината започнува да врши оданочлива дејност.

За извршената регистрација за целите на ДДВ, УЈП донесува решение за регистрација за данокот на додадена вредност во кое го назначува датумот на почеток на регистрацијата за ДДВ, првиот даночен период, како и даночниот период на поднесување на ДДВ пријавите.

Даночните обврзници регистрирани за целите на ДДВ остануваат регистрирани најмалку 5 години, независно од висината на вкупниот промет.

Доброволно регистрирање за целите на ДДВ

За целите на ДДВ овозможена е и доброволна регистрација.

  • Доколку во изминатата календарска година даночниот обврзник остварил промет помал од 1.000.000 денари на годишно ниво, може доброволно да се регистрира за ДДВ.
  • Доколку даночниот обврзник отпочнува да врши стопанска дејност, но заради висината на претпоставениот промет не е обврзан за регистрација за ДДВ, што значи дека претпоставува дека ќе оствари промет помал од 1.000.000 денари, може доброволно да се регистрира за целите на данокот на додадена вредност.

Прекинување на регистрација за целите на ДДВ

рекинувањето на регистрацијата за целите на ДДВ може да се изврши најрано по истекот на 5 календарски години после годината на првичното регистрирање.

Услови за прекинување на регистрацијата за ДДВ

За да може да се изврши прекинување на регистрацијата за ДДВ, кумулативно, треба да бидат исполнети следните услови:

  • даночниот обврзник да е регистриран за ДДВ задолжително или доброволно;
  • да е истечен најмалку петгодишен период од регистрацијата за ДДВ;
  • остварениот севкупен промет за последната календарска година да не изнесува повеќе од 1.000.000 денари и
  • даночниот обврзник да бара да се одјави од регистрацијата за ДДВ.

Одјавување од Регистарот на ДДВ обврзници

Доколку даночниот обврзник сака да се одјави од регистарот на ДДВ обврзници треба да поднесе Пријава за отповикување на регистрација за ДДВ (образец ДДВ-01Б), до надлежната Регионална дирекција на УЈП.

Пријавата за отповикување на регистрација за ДДВ се поднесува најдоцна до 15-ти јануари во годината од која даночниот обврзник сака да престане да биде регистриран за данокот на додадена вредност.

Службено прекинување на регистрацијата за ДДВ

УЈП може да изврши службено прекинување на регистрацијата за ДДВ пред истекот на петте календарски години во следните случаи:

  • кога во претходната календарска година даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет и без искажување претходен данок за одбивање;
  • кога во двете претходни календарски години даночниот обврзник поднесувал даночни пријави без искажување на данок за извршен промет, односно во истите периоди нема промет ослободен од данок со право на одбивка, ниту претходен данок кој произлегува од промет на инвестициони добра извршен кон даночниот обврзник или увезени од него;
  • кога даночниот обврзник не може да се најде на пријавената адреса и на адресата за вршење на деловни активности;
  • кога даночниот обврзник не поднесувал даночна пријава и тоа најмалку два даночни периоди кај месечните и тримесечните и за еден даночен период кај годишните даночни обврзници;
  • кога кај даночниот обврзник претходно е идентификувано даночно затајување и
  • кога даночниот обврзник се регистрира како поврзано лице.

Даночни обврзници кои немаат обврска да се регистрираат за целите на ДДВ

За целите на ДДВ немаат обврска да се регистрираат:

  • даночните обврзници кои вршат промет ослободен од данок без право на одбивка на претходниот данок без разлика на висината на таквиот промет.
  • даночните обврзници кои остваруваат промет помал од 1.000.000 денари.

Ваквите даночни обврзници не долгуваат данок на додадена вредност за своите промети, немаат право да искажуваат одделно данок во фактурите и немаат право на одбивка на претходниот данок.

Доколку искажат одделно данок на додадена вредност во нивните фактури, го должат искажаниот данок и се должни да го платат во рок од пет работни дена по издавање на фактурата. Во исто време должни се да поднесат ДДВ пријава за даночниот период во кој ја издале фактурата.

  • од обврската за регистрација за ДДВ се исклучени и даночните обврзници кои не се резиденти во земјата доколку вршат оданочлив промет за кој даночниот долг преминува на примателот на исполнувањето.
  • даночните обврзници – нерезиденти во земјата кои имаат право на враќање на претходниот данок во посебна постапка.