Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Web Site: www.mvr.gov.mk
Локации за регистрација:
Станици за технички преглед, распоредени на територија на РМ

Регистрирање на возила (општа постапка)

Регистрација на возила врши Министерството за внатрешни работи или правни лица за технички преглед на возила што ќе ги овласти Министерството за внатрешни работи, според живеалиштето, односно седиштето на сопственикот или доколку сопственикот има подружница според седиштето на подружницата, односно на носителот на правото на користење на возилото (во натамошниот текст: правно лице за регистрација на возила).

Правното лице задолжително треба да има:

– просторија и материјално-технички услови што овозможуваат вршење на работите поврзани со регистрација на возила,

– соодветен стручен кадар за вршење на регистрација на возилата и

– соодветна информатичка опрема со можност истата да биде поврзана со автоматската евиденција на регистрирани возила што ја води Министерството за внатрешни работи.

Регистрација на возила на дипломатските и конзуларните претставништва и на мисиите на странски држави и на претставништва на меѓународни организации во Република Македонија, како и на странски државјани што се вработени во тие претставништва врши Министерството за внатрешни работи.

Регистрација на возилата на Полицијата во Министерството за внатрешни работи врши Министерството за внатрешни работи.

Регистрација на возилата на Агенцијата за разузнавање врши Агенцијата за разузнавање.

Регистрација на возилата на Армијата на Република Македонија и на Министерството за одбрана врши Министерството за одбрана.

Постапка за регистрација

Возилото се регистрира по поднесено барање од страна на сопственикот на возилото. Со барањето за регистрација сопственикот на возилото е должен да ги поднесе и следниве писмени докази за:

– потекло на возилото,

– сопственост на возилото,

– регулирани царински и даночни обврски за возилото (се поднесува само при првата регистрација на возилото во Република Македонија),

– потврда за сообразност, или согласност за регистрација, ако се работи за возило за кое треба да има таква потврда или согласност согласно со одредбите на Законот за возила (се поднесува само при првата регистрација на возилото во Република Македонија, не се поднесува при регистрација на возило со музејска вредност – олдтајмер),

– техничка исправност на возилото, освен за возило за кое техничкиот преглед не е задолжителен, согласно со членот 50 на Законот за возила,

– извршено осигурување,

– платени такси, регулирани давачки на име надоместоци за користење на јавните патишта и за заштита на животната средина и други обврски пропишани со закон,

– извршено испитување на возилото ако се работи за возило наменето за превоз на опасни материи,

– извршена одјава на возилото од надлежниот орган во кој е извршена претходната регистрација и

– статус на возило со музејска вредност – олдтајмер (се поднесува само при првата регистрација на возилото во Република Македонија).

Возилото нема да се регистрира и покрај приложениот доказ за сообразност, или согласност за регистрација, доколку органот за одобрување го извести Министерството за внатрешни работи дека возилото припаѓа на тип на возила кои и покрај издаденото одобрение на тип претставува опасност за сообраќајот на патиштата.