Информации

Министерство за транспорт и врски на РМ
"Црвена Скопска Општина" број 4, 1000 Скопје
Тел. + 389 (0)2 3145 497,
+ 389 (0)2 3123 292
Факс. + 389 (0)2 3126 228
e-mail: contact@mtc.gov.mk

Ревизија, проектирање,изведување и надзор (странски физички и правни лица)

Странско правно лице може во Република Македонија да ги врши работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор пропишани со Законот за градење, доколку добие потврда за вршење на наведените работи од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа за уредување на просторот.

За добивање на потврда, правното лице од држава која е членка на Европската унија треба да достави барање и докази со кои се потврдува дека лицето е регистрирано за вршење на соодветната дејност во земјата во која има седиште и дека има дозвола, односно лиценца за вршење на соодветните работи за видот на градбата, за кои бара потврда.

Правно лице од држава која не е членка на Европската унија, треба да достави и листа на извршени работи.

Врз основа на доставените докази, органот на државната управа надлежен за вршење на работите за уредување на просторот, ќе издаде потврда кои работи, согласно со овој закон, странското правното лице може да ги врши во Република Македонија.

1. Странско физичко лице кое има овластување од друга држава може да врши работи на проектирање, ревизија, изведување и надзор на градби во Република Македонија доколку овластувањето е потврдено од страна на Комората на овластени архитекти и инженери.

2. Домашно и странско физичко лице може да ги врши работите на проектирање, ревизија и надзор над градби во Република Македонија и самостојно, доколку е избрано во постапка на јавна набавка за вршење на овие работи во проект финансиран од меѓународна организација и од Европската унија.

3. Потврдувањето на овластувањето го врши Комората на овластени архитекти и инженери, при што утврдува дали овластувањето на странско физичко лице соодветствува на овластувањата пропишани со Законот за градење. Доколку комисијата утврди дека овластувањето соодветствува, издава потврда за веродостојноста на истото и за видот на овластување кое странското физичко лице го стекнува во Република Македонија. За добивање на потврдата се плаќа надоместок согласно со ценовникот за јавни услуги од Законот за градење.

4. По исклучок странско правно и физичко лице можат да ги вршат работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор пропишани со Законот за градење  доколку е склучен меѓудржавен договор за реципроцитет согласно со условите утврдени со договорот.