Информации
Фонд на пензиското и инвалидското осигурување на РМ
Стручна служба – Централа – Скопје
ул. „23 Октомври” бр. 11, 1000 Скопје
Тел. + 389 (2) 3250 100
Факс. + 389 (2) 3162 275
Инвалидски комисии
Тел. + 389 (2) 3065 184
Факс. + 389 (2) 3065 223
Контакт-центар тел.:
15 215 (секој работен ден од 9:00 – 16:00)
Старосна пензија
Право на старосна пензија стекнува осигуреник доколку истовремено:
– има наполнето 64 години живот (ако е маж), односно 62 години живот (ако е жена) и
– има најмалку 15 години пензиски стаж.
Основа за определување на висината на старосната пензија претставува месечниот просек на платите што ги остварил осигуреникот (маж или жена) за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1.1.1970 година, заклучно со последната година што ѝ претходи на годината на остварувањето на правото, или поинаку старосната пензија се утврдува од пензиската основа во проценти определени во зависност од должината на пензискиот стаж.
За исполнување на условите за остварување на ова право за осигурениците со статус на индивидуални земјоделци важат малку поинакви правила во поглед на стажот на осигурувањето. За овие лица во стажот на осигурување ќе се засмета и времето поминато во осигурување, според Законот за старосно осигурување на земјоделците, доколку придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на тој закон. Доколку горенаведениот осигуреник нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија ќе се засмета времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците, доколку придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на тој закон и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, за најмногу пет години.
За остварување на правото на старосна пензија осигуреникот (маж или жена) поднесува барање за остварување право на старосна пензија на образец П-1 до подрачната единица на Стручната служба на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на чие подрачје осигуреникот бил последен пат осигурен.
Кон барањето осигуреникот приложува и:
– работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е впишан во работната книшка (решенија, уверенија, потврди и др.) – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број, или лична карта на увид – Фондот ги обезбедува по службена должност;
– решение за престанок на работниот однос, односно престанок на осигурувањето (образец М2).