Информации

Управа за јавни приходи на РМ
Генерална дирекција
бул. Кузман Jосифовски-Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел. +389 (2) 3299 500
Факс. +389 (2) 3281 010
Email: info@ujp.gov.mk
Инфо/даноци: 0800 33 00
секој ден од 09.00 до 20.00 часот, освен недела

Задржан данок

Оданочување на приходите и на добивките од Република Македонија остварени од нерезидентните правни лица

  • Задржувањето на данокот се врши на приходите кои се исплатени во Република Македонија или во странство на странските правни лица, а кои што не се остварени во рамките на деловниот потфат на постојана деловна единица на странското лице на територија на Република Македонија, под услов поинаку да не е определено со Меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување.

Приходи на кои се задржува данокот се:

  • приход од дивиденди;
  • приход од камата;
  • приход од авторски хонорар;
  • приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Македонија;
  • приход од вршењето на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги, услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или ако приходот е на трошок на постојаната деловна единица во Република Македонија;
  • приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Македонија;
  • приход од телекомуникациски услуги помеѓу Република Македонија и странска држава и
  • приходи од закуп на недвижности во Република Македонија.

Задржувањето на данокот го вршат:

  1. домашните правни лица;
  2. домашните физички лица – регистрирани за вршење на дејност;
  3. постојаната деловна единица на странското правно или физичко лице во Република Mакедонија.
  • Стапката на задржаниот данок на приходот кој го остварува странското правно лице од 2008 година и натаму, за сите видови на приходи изнесува 10%.
  • Доколку примателот на приходите врз кој се применува задржување на данокот е резидент на држава со која РМ има потпишано договор за одбегнување на двојното оданочување и двојното ослободување, оданочувањето и применетата даночна стапка, не може да биде поголема од утврдената во договорите.
  • Заради примена на одредбите од договорите, странските правни лица (остварувачи на приходите) им обезбедуваат на субјектите кои што го улатуваат (плаќаат) приходот, потврда за резидентен статус од странската држава, односно обрасци: 1, 2, 3 и 4 од Правилникот, потврдени од надлежниот даночен орган на странската држава.
  • Лицата кои што имаат обврска да вршат задржување на данокот, во обврска се пред да извршат плаќање на странското правно лице од даночниот орган да побараат “идентификационен број” за странското правно лице.
  • Лицата кои што имаат обврска да вршат задржување на данокот, еднаш годишно до Управата за јавни приходи доставуваат Извештај за уплатениот данок по одбивка, на образецотДД-И. Овој образец се доставува до 15 февруари во наредната година.

Доколку во период од три години по истекот на годината во која приходот е исплатен и данокот е задржан, странското правно лице поднесе Барање за враќање на данокот (образец 5, 6, 7 и 8 од Правилникот), заради поврат на повеќе платен данок, во однос на данокот кој што согласно одредбите од договорите за одбегнување на двојното оданочување требало да биде платен или требало да биде исклучен од плаќањето, УЈП ќе изврши враќање на задржаниот данок.

Враќањето се врши во домашна валута, во висина на задржаниот данок.  Износот се враќа на сметката назначена во Барањето.