Информации
Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
- Подрачни единица на МВР на територија на РМ
– Подрачна единица на МВР Скопје:
ул. Кеј Димитар Влахов бб, 1000 Скопје – во зградата на МТВ, со влез од страната на Реката Вардар
Бесплатно телефонско закажување на: 0800 192 92, 072 929 292,
Работно време на шалтерите:
од понеделник до петок, од 7:30 до 20:30 часот
Замена на лична карта
Секој граѓанин на Република Македонија е должен да ја замени личната карта, доколку:
1. ѝ истекува рокот на важење;
2. граѓанинот ја промени адресата на живеалиштето
3. граѓанинот го смени личното име и/или
4. службено лице забележи дека личната карта на граѓанинот е оштетена или дотраена, односно изгледот на имателот на личната карта е до тој степен изменет што веќе не одговара на фотографијата прикажана на личната карта.
Постапката за замена на личната карта започнува со закажување термини, и тоа:
- преку бесплатниот телефонски број 0800 192 92 (само преку фиксен телефон);
- преку телефонскиот број 072 929 292 (преку мобилен телефон) или
- преку интернет-страницата на МВР – termin.mvr.gov.mk.
Документи потребни за замена на личната карта:
1. барање за замена на личната карта (се подигнува од шалтер во Секторот за внатрешни работи при МВР или се презема од интернет-страницата на МВР);
2. оригинал уплатница на износ од 190,00 денари или слип од картичка, доколку се плаќа директно и електронски на шалтерот на МВР и
3. старата лична карта заради увид.
Дополнителни документи во зависност од причината поради која се бара замена на личната карта:
1. договор за купопродажба на куќа/стан заверен на нотар или имотен лист како доказ за промена на адресата на живеалиштето, ако причината е промена на адресата на живеалиштето, а барањето и документите се поднесуваат во рок од 30 дена од датумот на промена на живеалиштето;
2. докази потребни при промена на личното име: извод од матичната книга на родени со новото презиме, извод од матичната книга на венчани, важечка лична карта на брачниот другар на барателот кој ја заменува личната карта, кои заедно со барањето се поднесуваат во рок од 30 дена од датумот на промената.
Не се потребни дополнителни документи ако:
1. на личната карта ѝ истекува рокот на важење, а барањето за замена на личната карта се поднесува во рок од 30 дена пред датумот на кој ѝ истекува рокот на важење;
2. личната карта е оштетена или дотраена или ако е изменет ликот на имателот на личната карта во однос на фотографијата на личната карта, а барањето за замена на личната карта се поднесува во рок од 15 дена од датумот кога службеното лице ја има забележано причината.
Потребните документи се поднесуваат во органот на Министерството за внатрешни работи кој првично ја издал личната карта, ако во меѓувреме граѓанинот не го променил местото на живеење.
Секторот за внатрешни работи при МВР ја издава новата лична карта во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето. При подигнување на новата лична карта, треба да се достави старата лична карта заради поништување.
Глоба од 20 до 80 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице доколку:
1. се служи со лична карта чиј рок на важење е истечен;
2.не поднесе барање за замена на личната карта во законски предвидениот рок и
3. не ја предаде старата лична карта на Секторот за внатрешни работи при МВР заради поништување.