Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Подрачна единица на МВР Скопје: ул. „Кеј Димитар Влахов“ бб, 1000 Скопје, во зградата на МТВ со влез од страната на Реката Вардар
Бесплатно телефонско закажување на: 0800 192 92 и 072 929 292
Централа МВР: 3117-222
Сектор за внатрешни работи – Скопје 3322 998
Работно време на шалтерите: од понеделник до петок, од 7:30 до 20:30 ч.

Замена на странска возачка дозвола

Постапката за замена на странска возачка дозвола започнува со закажување термин, и тоа:

– преку бесплатниот телефонски број 0800 192 92 (само преку фиксен телефон);
– преку телефонскиот број 072 929 292 (преку мобилен телефон) или
– преку интернет-страницата на МВР termin.mvr.gov.mk.

На закажаниот термин барателот лично треба да достави барање за издавање на возачка дозвола до секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи според местото каде што има живеалиште. Барањето може да се подигне директно на шалтер или да се преземе од интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Кон барањето се приложуваат следните документи:

– важечка лична карта или документ кој служи за утврдување на идентитет на странец;
– оригинална важечка странска возачка дозвола преведена на македонски јазик и заверена на нотар;
– доказ за престој најмалку шест месеци во земјата во која е издадена странската возачка дозвола;
– ако од текстот на странската возачка дозвола не може да се утврди кои моторни возила може да ги управува, возачот треба да приложи исправа издадена од органот што ја издал странската возачка дозвола со објаснување за кои моторни возила е издадена;
– лекарско уверение за телесна и душевна способност на возачот издадено од лекарска комисија (за лица со навршени 65 години);
– барање за издавање на возачка книшка;
– уплата во износ од 100,00 денари за административна такса за издавање возачка книшка;
уплатница во износ од 280,00 денари и
– уплатница во износ од 110,00 денари за административна такса доколку претходната возачка дозвола била важечка или 170,00 денари доколку претходната возачка дозвола била неважечка.

Наведените износи може да се уплатат и со картичка преку ПОС-терминал директно на шалтерите при секторот за внатрешни работи, во моментот на поднесување на документите.

При поднесување на барањето за издавање на возачка дозвола од лицето се земаат биометриски податоци – фотографија, отпечатоци од два прста, како и своерачен потпис во дигитална форма.

Кога овластеното службено лице ќе утврди дека барањето е уредно пополнето и потпишано и кон него се приложени потребните докази, а податоците за лицето содржани во барањето се идентични со податоците од евиденцијата што се води по единствен матичен број на граѓанинот, врз основа на барањето и постојната службена евиденција, службеното лице отпечатува потврда за поднесено барање за возачка дозвола и за начинот на испишување на податоците во возачката дозвола.

Рокот за изготвување на возачката дозвола е 15 дена од денот на доставување на барањето заедно со неопходните документи.