Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Подрачни единици на МВР на територија на РМ
Подрачна единица на МВР Скопје: ул. „Кеј Димитар Влахов“ бб, 1000 Скопје, во зградата на МТВ со влез од страната на Реката Вардар
Бесплатно телефонско закажување на: 0800 192 92 и 072 929 292
Централа МВР: 3117-222
Сектор за внатрешни работи – Скопје 3322 998
Работно време на шалтерите: од понеделник до петок, од 7:30 до 20:30 ч.

Замена на возачка дозвола поради промена на живеалиште на возачот

Возач кој ќе го промени местото на живеење должен е во рок од 15 дена да ја замени постојната возачка дозвола со нова така што ќе поднесе барање за издавање на возачка дозвола, при што новото место на живеење ќе му се запише во новата возачка дозвола.

За започнување на постапката треба да се закаже термин, и тоа:
– преку бесплатниот телефонски број 0800 192 92 (само преку фиксен телефон);
– преку телефонскиот број 072 929 292 (преку мобилен телефон) или
– преку интернет-страницата на МВР termin.mvr.gov.mk.

На закажаниот термин барателот лично треба да достави барање за издавање на возачка дозвола до секторот за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи според местото каде што има живеалиште. Барањето може да се подигне директно на шалтер или да се преземе од интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи.

Кон барањето се поднесуваат и следните документи:
– важечката возачка дозвола;
– лична карта на увид;
– барање за издавање на возачка книшка;
– уплатница во износ од 100 денари административна такса за издавање на возачка книшка;
уплатница во износ од 280,00 за издавање на возачка дозвола (редовна постапка)/840,00 денари (итна постапка);
– уплатница за административна такса во износ од 60,00 денари;
– доказ за извршена промена на живеалиште.

Наведените износи може да се уплатат и со картичка преку ПОС-терминал директно на шалтерите при секторот за внатрешни работи, во моментот на поднесување на документите.

При поднесување на барањето за издавање на возачка дозвола од лицето се земаат биометриски податоци – фотографија, отпечатоци од два прста, како и своерачен потпис во дигитална форма. Покрај на македонски јазик, барателот може да избере да му биде испишано личното име во возачката дозвола и на еден од следните јазици: турски, влашки, српски, ромски или босански.

Кога овластеното службено лице ќе утврди дека барањето е уредно пополнето и потпишано и кон него се приложени потребните докази, а податоците за лицето содржани во барањето се идентични со податоците од евиденцијата што се води по единствен матичен број на граѓанинот, врз основа на барањето и постојната службена евиденција, службеното лице отпечатува потврда за поднесено барање за возачка дозвола и за начинот на испишување на податоците во возачката дозвола.

Рокот за изготвување на возачката дозвола во редовна постапка е 15 дена од денот на доставување на барањето заедно со неопходните документи, а во итна постапка е 48 часа.