/ Прочитано:

1.510

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: АЕК апелира корисниците на припејд картички до крајот на март да ги регистрираат броевите

Четврток, 21 март 2013 – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) апелира сите корисници на при-пејд картички да ги регистрираат своите броеви. Преку проектот на АЕК ќе се изврши регистрација на при пејд корисниците од мобилните оператори „Т-мобиле“, „Оне“ и „Вип“. Целта на проектот е да се надмине праксата да може да се купи при-пејд сим картичка без притоа да се остават лични податоци.

Граѓаните што имаат припејд-телефонски броеви на трите мобилни оператори треба да ги регистрираат своите броеви, заради лична безбедност и заради безбедноста на сите граѓани на Македонија, информира Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Ако корисниците на припејд-картички не се регистрираат до крајот на март годинава, нема да можат да ги користат услугите на операторите. АЕК го почна овој проект во октомври минатата година заедно со трите мобилни оператори за да ја спречи злоупотребата на таканаречените „скриени броеви“ за вознемирување на граѓаните.

„Причината за започнување на овој проект се податоците и искуствата кои покажуваат дека користењето на нерегистрирани при-пејд картички предизвикува несакани последици, односно често овие картички се злоупотребуваат, се користат како анонимни броеви и ја нарушуваат безбедноста на голем број граѓани“, соопштуваат од АЕК.

Од АЕК потсетуваат дека граѓаните можат да се регистрираат како корисници на припејд-број на продажно место со лична карта или друг документ за идентификација, преку повик на посебен број кај операторите (Т-мобиле – 1233, Оне оператор – 14181, Вип оператор – 140150), каде ќе ги остави личните податоци, со испраќање на податоците на СМС-порака на посебно утврден број, како и со внесување на податоците на соодветна веб-страница на сајтот на операторот.