/ Прочитано:

1.115

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Од утре, отворени денови во Централниот регистар за граѓани и правни субјекти

Понеделник 18 март 2013 – Централниот регистар на Република Македонија (ЦРМ) од утре почнува со отворените денови на кои граѓаните и правните субјекти ќе имаат можност да добијат информации за сето она што ги интересира, а е поврзано со работата на оваа институција. Oттаму најмногу заинтересираност очекуваат во врска со бришењето на компаниите согласно последните измени на Законот за трговски друштва, за новините што се  спроведуваат во Регистарот, како и за задолжницата како инструмент за обезбедување на побарувањата.

Акцијата ќе се реализира во сите 11 регионални канцеларии на Централниот регистар во кои тимови од стручни лица ќе им бидат на располагање на граѓаните. Отворените денови почнуваат во Велес, а распоредот за следните денови ќе биде објавен на веб страницата на Централниот регистар.

„Тимовите брзо и ефикасно ќе може да им дадат одговор на заинтересираните на самото место, а граѓаните ќе бидат информирани за сите отворени прашања што за нив претставуваат дилема. Ако барањата на граѓаните се надвор од надлежностите на Централниот регистар, ќе ги упатиме до институцијата која е надлежна за решавање на нивниот проблем“, истакна директорот Ванчо Костадиновски на денешната прес-конференција.

Костадиновски најмногу прашања очекува да бидат поставувани во врска со бришењето на компаниите согласно последните измени на Законот за трговски друштва, за новините што се  спроведуваат во Регистарот, како и за задолжницата како инструмент за обезбедување на побарувањата.

Во врска со актуелното бришење на неактивните фирми согласно новите измени на Законот за трговски друштва, Костадиновски информираше дека веќе има објава за првата категорија компании.

„По завршувањето на законски утврдените рокови, ќе преминеме кон бришење и нормално дека сликата која создаваше недоумица во јавноста во однос на статистиките за неактивност на фирмите ќе се измени, односно таа бројка ќе биде намалена со првата категорија. Потоа ќе се оди кон втората категорија фирми што не се активни, односно немаат доставувано годишни сметки за последните три години или имаат доставувано изјави и празни годишни сметки за немање на деловна активност. На крај ќе се оди со третата категорија, односно Управата за јавни приходи врз основа на регистарот што го има преземено од Агенција за блокирани сметки ќе  не извести кои се компаниите со блокирани сметки“, појасни Костадиновски.