СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: До социјална помош само со лична карта преку еден шалтер
Понеделник, 5 ноември 2012 – Примателите на социјална помош само со лична карта ќе можат да ги остварат своите права. Постапката ќе се одвива преку еден шалтер, најавуваат од Министерството за труд и социјална политика. Останатата документација ќе се обезбедува електронски меѓу институциите што имаат потпишаниот меморандум за соработка, односно Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Министерството за труд и социјална политика.
Комплетна реализација на едношалтерскиот систем ќе се обезбеди со електронска размена на податоците и со Управата за јавни приходи. Заедничкиот софтвер на Министерството за труд и социјална политика, ПИОМ, и Агенцијата за вработување и едношалтерскиот систем овозможуваат преку еден шалтер и само со еден документ за лична идентификација, примателите веднаш да ја подигнат социјалната помош. Освен овие придобивки, од Министерството за социјала најавуваат дека на овоj начин ќе се намали можноста на злоупотреба на вакви парични средства.
„Во досегашниот начин на работа подносителите на барањата за социјална парична помош, како и постојните корисници на правото на социјална парична помош во текот на постапката за остварување на ова право, како и во текот на годишната обнова на документација беа должни во центрите за социјална работа за себе и за членовите на своите домаќинства да достават потврда за пензија остварена во земјава или во странство, листа на регистрирани податоци за остварен стаж, податоци за статусот на невработени лица, како и податоци за корисник на паричен надоместок по основ на невработеност“, изјави министерот Спиро Ристовски.