/ Прочитано:

1.035

СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Рокот за пререгистрација на невработени лица во ФЗОМ е до 31 март

Четврток, 14 февруари 2013Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) денеска ги повика невработените лица, лицата кои лани добиле здравствено осигурување на товар на Буџетот за себе и за своето семејство врз основ на своите пониски примања и лицата кои прв пат здравствено ќе се осигуруваат по овој основ најдоцна д0 31 март да извршат пререгистрација и да не го чекаат последниот момент.  

Со цел да се обезбеди континуитет во здравственото осигурување за овие лица почнуваjќи од 01 февруари 2013 заклучно со 31 март 2013 година, ФЗОМ ги повика сите лица кои согласно законот ги исполну­ваат условите, да се регистрираат. Обврската да се пререгистрираат во соодветната подрачна служба на Фондот според местото на живеење се однесува и за сите оние кои се регистрирале во 2012 година.

Од ФЗОМ апелираат и ги повикуваат граѓаните опфатени со овој повик што поскоро да извршат пререгистрација и да не го чекаат последниот момент за пререгистрација за да се избегнат гужвите, доцнењата и нервозите.

Невработените лица носители на здравствено осигурување потребно е да се пререгистрираат во подрачните служби на ФЗОМ, а во поголемите градови и на шалтерите на ФЗОМ во просториите на агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ).

Пререгистрирањето е со цел да се изврши промена на основот на осигурување, со потпишување изјава за остварени приходи и презаверка на здравствените легитимации, како и потполнување на барање за издавање на електронска здравствена картичка.

Половина месец од започнувањето на пререгистрацијата само 14.785 лица, од вкупно 228.548 лица носители на здравствено осигурување, односно само 6,47 отсто извршиле пререгистрација.

Основот за здравствено осигурување според член 5 став 1 точка 6 (невработени лица) од Законот за здравствено осигурување е на товар на буџетот на Македонија како категорија.