СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Се воведуваат налепници за регистрација на возилата
Понеделник, 23 јули 2012 – Владата усвоила измени на Законот за возила, со кои се воведуваат определени новитети меѓу кои и налепници за регистрација. Според Владата, овие измени се во насока на подобрување на процесите и присвојување на европските стандарди и законодавство и веќе се испратени во собраниска процедура.
Усвоени измени
- Нови услови за хомологација на возила кои превезуваат лесно расиплива прехранбена стока или опасни материи. Ова значи дека од сега ќе се акредитираат правните лица кои ќе ги вршат постапките на одобрување на возилата за лесно расплива стока и возилата кои превезуваат опасни материи во меѓународниот сообраќај.
- Ќе се информираат потрошувачите за потрошувачката на гориво на купеното возило, односно емисија на гасови – СО2 за секој тип на возило. При купување на ново возило од авто-салон продавачот е должен на потрошувачот да му ги достави сите потребни информации кои се пропишани во оваа директива, а се потребни за потрошувачот да се запознае со валидните перформанси на возилото. За непочитување на одредбата предвидена е глоба.
- Воведување на налепница. Ова значи дека за учество во сообраќај на патиштата освен што возилото треба да биде регистрирано, да има важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење, да биде означено со пропишани регистарски таблици, возилата ќе треба да бидат означени со налепница за извршена регистрација. Целта е службеното лице на МВР да не мора да го проверува секое возило во сообраќајот дали е регистрирано, бидејќи регистрацијата на возилото ќе ја препознае преку налепницата која треба да биде истакната на видно место.
- Со цел да се постигне сигурност дека во сообраќајот се движат безбедно-техничко исправни возила, ќе се воведе полагање на стручен испит за стручниот работник кој врши технички преглед на возилата во техничката станица, за што ќе се издава лиценца за работа. Испитот ќе се полага на секои 4 години.
- Бирото за метрологија ќе добие дополнителна надлежност за следење на возилата во постапка на хомологација, преку воведување на евиденциски систем за издадени одобренија, со кои се потврдува дека возилото ги исполнува техничките стандарди односно барања и може да оди на регистрација. Се воведува форма на обрасците и систем што ќе ги штити податоците со што се обезбедува превенција од злоупотреби.
- Во согласност со Законот за инспекциски надзор, ќе биде воведена можност за жалба до Комисија за жалби, која ќе биде формирана од страна на министрите надлежни за одреден инспекциски надзор.
>> Постапката за регистрација на возила, проследете ја тука.