СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Сините картони заминуваат во историјата, стартува примената на електронската здравствена картичка
Четврток, 1 ноември 2012 – 65.000 електронски здравствени картички (ЕЗК) на вработени во 1.300 државни и јавни институции и на членови на нивните семејства од денеска се во функција. Осигурениците кои веќе ги имаат добиено новите ЕЗК при користење здравствена услуга во установи кои работат со Фондот за здравствено осигурување нема да има потреба да носат сини картони.
ЕЗК чинат 250,00 денари за вработените, додека невработени лица, пензионери со нето пензија до 15.000,00 денари, самохрани родители и деца без родители и родителска грижа до 8 години, како и за лицата осигурени преку нив изнесуваат 100,00 денари. За лицата кои се корисници на социјална парична помош и членовите на нивните семејства и лицата корисници на постојана парична помош се бесплатни, а социјалните случаи врз основа на потврда од Министерството за труд и социјална политика ќе ги ја добијат без надомест.
ЕЗК ќе може да се користат во сите здравствени установи и аптеки, каде се обезбедени минимални услови, односно имаат добиено бесплатни читачи од Министерството за здравство. Секоја здравствена установа има добиено по минимум два читача.
Заравствената картичката на почетокот ќе биде само замена за сините картони, а понатаму може да се надгради и да содржи и здравствени информации. Засега има само лични податоци за осигуреникот, кој при првото користење на картичката ќе треба да впише пин од комбинација на пет бројки.
Досега здравствените картички ги подигнале вработените во УЈП, МЕПСО, МК Шуми, АВРМ, дел пд МВР, Министерството за одбрана, дел од училиштата, судовите и вработените од локалната или централна власт. Подготвени се и треба да се достават уште 133.000 здравствени електронски картички, исто така, за вработени и членови на нивните семејства во овој сектор. Во нареден период ФЗО предвидува изработка и дистрибуција на квартално ниво по 300.000 – 400.000 ЕЗК.