СЕРВИСНИ ИНФОРМАЦИИ: Субвенцијата за „Купи куќа, купи стан“ од 50 се зголемува на 75 отсто
Четврток, 7 февруари 2013 – Наместо 50 отсто владина субвенција колку што досега можеа да добијат граѓаните за изградба на куќа преку проектот „Купи куќа, купи стан“, сега таа се зголемува на 75 %. Другата новина е тоа што ако корисникот сака предвреме да го исплати кредитот, ќе може тоа да го направи, но по 10 години од користењето на кредитот, корисникот нема да и’ ја врати субвенцијата на државата.
Владата ги подобрува условите за овој проект, со тоа што субвенцијата за изградба на куќа се зголемува од 50 на 75 проценти, соопшти министерот за финансии, Зоран Ставревски. Овие законски измени Владата ги донела на последната седница, а олеснувањата се наменети за изградба на куќите бидејќи кај нив има поголеми дополнителни трошоци.
Во моделот „половина рата“ Владата ќе субвенционира 75 проценти, наместо досегашните 50 проценти од месечниот ануитет. Притоа, субвенцијата за кредит за изградба или купување нова куќа во висина од 50.000 евра ќе изнесува 15.030 евра, при што ратата изнесува 330 евра, од кои 247 евра во првите три години ги плаќа Владата, а граѓанинот 83 евра.
Во моделот пак, „половина учество“ досега поддршката беше 50 проценти, а сега е исто така 75 проценти. Со тоа, за кредит од 50.000 евра, ако досега субвенцијата изнесуваше до 6.250 евра, сега таа ќе биде до 9.375 евра. Со тоа, за кредит од 50.000 евра, ако досега субвенцијата изнесуваше до 6.250 евра, сега таа ќе биде до 9.375 евра.
Другата можност што од сега ќе ја овозможи овој проект е што субвенцијата може да се искористи за изградба на нова куќа на место на веќе постојна стара или помала куќа. Министерството за финансии ги земало во предвид преку стотиците телефонски повици и барања кои пристигнувале од граѓаните за да се отвори оваа можност.
Во однос на новините, доколку корисникот сака предвреме да го исплати кредитот, тој тоа ќе може да ги направи по истекот на најмалку 10 години од користењето, со тоа што кориснико нема да треба да и’ ја врати субвенцијата на државата.
„Таквата можност е дадена, но по 10-тата година од отплата на кредитот. Доколку граѓанинот ја користел субвенцијата, и по 10 години живеење во таа куќа или стан му се создадат услови да го врати кредитот, нема да има потреба да ги враќа средствата добиени од државата“, објасни министерот Ставревски.