/ Прочитано:

493

Шахпаска: За прв пат како основ за дискриминација се дефинирани  сексуалната ориентација и родовиот идентитет

Министерката Јагода Шахпаска се обрати на Меѓународната коалиција за еднакви права:

„Република Северна Македонија е држава во која принципот на еднаквост и недискриминација се применува во сите области од општественото живеење: социјалната заштита, здравството, образованието, работните односи и правосудството. Почитувањето и унапредувањето на човековите права и слободи се наш приоритет како Влада“, истакна министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, во видеообраќањето на виртуелната конференција  организирана од  Меѓународната коалиција за еднакви права, во која членува и нашата земја.

Во насока на креирање политики и преземање на активности за справување со дискриминацијата во државата, министерката Шахпаска ги посочи двата закони кои неодамна беа донесени во нашата држава.

„Минатата година во октомври го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминација, во кој за прв пат како  основ за  дискриминација се дефинирани  сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Формиравме Национално координативно тело за недискриминација и еднаквост со цел промовирање на концептот за недискриминација и еднакви можности, како и следење на состојбите на ова поле во сите сфери на општественото живеење“, рече министерката.

Таа посочи дека оваа година по втор пат се одржа Парадата на гордоста, со поддршка на  владините институции и граѓанскиот сектор. Сето тоа придонесе Република Северна Македонија да се искачи 12 места погоре во однос на минатата година на картата на „Rainbow“ во однос на елиминирање на дискриминацијата на ЛГБТ-лицата во нашата држава.

„Убавината на мозаикот ја прават различностите. Градиме општество кое се темели на еднаквост, слобода и правда. Нашата цел е секој  да се чувствува слободно во изборот на својата ориентација, професија, остварување на својата визија. Општество кое ќе интегрира, а нема да дискриминира. Градиме општество без предрасуди. Општество во кое секој граѓанин ќе го прави својот избор“, порача министерката Шахпаска.

Оваа конференција претставуваше подготовка во креирање на Глобална стратегија за еднакви права на ЛГБТИ-заедницата, на која учествуваа и министри од други земји, како и граѓански организации.

М.В