/ Прочитано:

2.393

Шар Планина и Осоговските Планини – нови заштитени подрачја во државата

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека на седница на Владата  усвоени се иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските планини.

„Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел.

Согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации“, велат од Министерството.

Во однос на одлуките, министерот Нуредини порачува: „Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“.

М.В