/ Прочитано:

2.467

Шеесет и пет години од Нирнбершките процеси — кога правдата ја пишуваше историјата

На 14 април 1949 година му беше ставен крајот на последниот од дваесет и петте Нирнбершки процеси – првата серија меѓународни судења за злосторства против човештвото во светската историја. Оттогаш, името на градот во германската покраина Баварија е многу повеќе од обична географска одредница: тој стана синоним за највисоките правни стандарди и за правичното судење на глобално рамниште, прераснувајќи во верен одраз на човековата посветеност во потрагата по правдата. Во 1946 година, Меѓународниот воен суд го седна на обвинителната клупа највисокото раководство на нацистичка Германија. Осврт кон наследството што човештвото го доби во своја полза од Нирнбершките процеси.

Поглед на обвинителната клупа

Нирнбершките процеси почнати во 1946 година имаа биланс со ретко видени размери во дотогашното правосудство во светот: 25 главни и 70 помошни застапници на одбраната, 61 сведок, 2700 документи и фотографии, 12 смртни пресуди, седум делумно доживотни, делумно затворски казни, како и три ослободителни пресуди. Нивното водење допре многубројни аспекти на денешното глобално општество, коишто до 1945 година немаа свој конкретен израз: почитувањето на човековите права, борбата против расната дискриминација во Соединетите Американски Држави, медицинската етика, концептот на правично судење, етиката во претприемништвото итн.

Херман Геринг, командант на воздухопловните сили, се произнесува за невин

Илустративен е примерот на Садам Хусеин, кому му беше судено под пресумпција на невиност пред да биде ставен на бесилка. Имено, сeкoj oбвинeт зa кривичнo дeлo имa прaвo дa се смета за нeвин сè дoдeкa на јавно судење и вo сoглaсност сo зaкoните нe сe дoкaжe нeгoвaтa винa. Оваа практика произлезе токму од судењата на нацистите во Нирнберг. Нејзината примена, денес, има силен одек во Меѓународниот суд на правдата во Хаг и во меѓународните судови за гонење на лицата одговорни за сериозни прекршувања на меѓународното право во Руанда, во Сиера Леоне и во поранешна Југославија. Во мај 1993 година, ООН го основаа Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија со една единствена мисија: да се гонат сторителите на геноцид и на други злосторства на територијата на поранешната сојузна република.

Судот за поранешна Југославија се разликува од Нирнбершкиот според тоа што вториов беше воен суд раководен исклучиво од четирите велесили-сојузнички што ја презедоа власта во Германија по Втората светска војна. За разлика од нирнбершкиот, судот за поранешна Југославија е составен од единаесет судии, од кои ниту еден нема потекло од земјите на поранешниот југословенски простор. Со тоа се настојуваше да се избегне долгогодишната критиката дека се применува правдата на победникот. Во првичниот состав, тројца судии беа од Азија, двајца од Европа, двајца од Европа, двајца од Северна Америка и по еден од Јужна Америка и од Австралија.

Оттаму, Кривичниот суд за поранешна Југославија, иако не е постојано тело, беше првиот меѓународен кривичен суд во вистинската смисла на зборот. При основањето свесно се вложуваа напори да се избегнат критиките што претходно му се припишуваа на судот во Нирнберг. На пример, кривичното дело „повикување или поттикнување агресивна војна“, за кое се наведуваше дека има ex post facto дејство, беше исфрлено од казнениот каталог и, воопшто, од дневниот ред. Така, југословенскиот кривичен суд јасно ги потврди принципите од Нирнберг и беше гледан како дотогаш недоживеана победа на човековите права.

Со погледот кон минатото, судењата во Нирнберг поставија нови стандарди за правдата и за правичното судење; го поттикнаа основањето на меѓународното движење за човекови права; ги потцртаа владеењето на правото и личната одговорност на државните челници што повикуваат на војна. Оваа значајна промена во меѓународното право ѝ стави крај на практиката на користење на државната сувереност како штит за лидерите што свесно се впуштаат во кривични дела против човештвото. Дотолку повеќе, судењата покажаа колку драматично се изменила правната врска помеѓу владите и граѓаните во едно општество, и како тие меѓусебно се восприемаат. Тие го воведоа концептот на меѓународното судење во кое судиите и адвокатите од различни нации ги надминуваат сите јазични пречки, културни навики и административни практики.

Граѓанството се информира за пресудите од Нирнберг

Во иста мера, судските процеси од Нирнберг имаа влијание и врз други домени од општественото дејствување. Така, Нирнбершкиот кодекс, во кој се изнесуваат насоките за истражувања во хуманите дисциплини на медицината, послужи како подлога за развојот на современата медицинска наука. Тогашното судење на стопанствениците, коишто соработувале со нацистичкиот режим, ја положи основата за современите судски постапки против големите компании и против фирмите што се товарат за злоупотреба или за експлоатација на човечкиот труд во странски земји. Не помалку важно, Нирнбершките процеси извршија силно влијание врз начинот на кој се третираат затворениците во казнено-поправните домови или во други установи со слична намена.

На другата страна на видикот, терористичките напади од 11 септември 2001 година во САД сериозно го доведоа во прашање големото наследство што човештвото го доби во своја полза од Нирнбершките процеси. Тогашната влада на претседателот Џорџ Буш ја искористи „војната против тероризмот“ како безрезервна карта во играта за зачувувањето на правата на нацијата, наголемо занемарувајќи ја практиката на почитувањето на човековите права. Американската нација високо се издигнуваше со своите стандарди по Втората светска војна, меѓутоа денес многумина критикуваат дека американската влада сè помалку е способна да ја промовира правдата низ светот, бидејќи е неволна да ја спроведува дома. Копјата сигурно нема да престанат да се кршат, но затоа, пак, историјата и натаму ќе стои запишана – за да не се повторат истите грешки.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 14.4.2014