/ Прочитано:

1.219

Шестиот извештај за работата на СЈО заедно со посебен извештај за несоодветно судско постапување

 

Шестиот извештај за работата на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за периодот од 15 март 2018 година до 15 септември 2018 година е доставен до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавните обвинители на Република Македонија, во согласност со прописите за СЈО.

„И покрај тоа што во извештајниот период не беа донесени потребните мерки за донесување на законските решенија со кои би се отстраниле пречките во постапувањето на ова јавно обвинителство, а со кои би се регулирала положбата на ова јавно обвинителство во функција на остварување на кривичната правда и овозможување на ова јавно обвинителство докрај да ги истражи кривичните дела кои се во негова надлежност. Имајќи ја предвид улогата во процесот на обезбедување на целосно владеење на правото во Република Македонија, како и јавниот интерес, очекуваме во претстојниот период од страна на надлежните институции да се преземат потребните мерки за овозможување на законските услови ова јавно обвинителство да се инкорпорира во Јавното обвинителство на Република Македонија како самостојна институција која ќе има автономност во постапувањето по делата од негова надлежност и гонење на кривични дела на корупција од висок профил“, се вели во извештајот на СЈО.

Шестиот извештај на СЈО може да се преземе на следниот линк.

Воедно, од СЈО објавуваат и посебен извештај за несоодветно судско постапување, во кој се вели дека неовластените прислушувања резимирани во извештајот покажуваат интеракции помеѓу високи функционери во судството и членови на Владата на Република Македонија, кои во основа ја поткопуваат судската власт.

Неовластените прислушувања, се посочува во посебниот извештај, откриваат разговори во кои членовите на судството се откажуваат од својата независност и непристрасност за да ги унапредат интересите на Владата или нивните сопствени интереси. Таквата комуникација, несомнено, остава простор за создавање на недоверба кај јавноста во целиот судски систем.

„Од доказите со кои располага ова јавно обвинителство, особено телефонските разговори на Александра Зафировска, во периодот од 2011 година до 2013 година, а од кои дел беа и јавно објавени, произлегува дека таа додека ја вршела функцијата претседател на Судски совет на Република Македонија, била во постојана координација со извршната власт.

Сознанијата до кои дојде ова јавното обвинителство при своето тековно работење, на кои секако се надоврзува јавно објавениот разговор меѓу Јово Вангеловски како претседател на Врховниот суд на Република Македонија и Миле Јанакиески како министер за транспорт и врски, како и необјавени разговори остварени од страна на Јово Вангеловски во 2011 и 2012 година, покажуваат непрофесионално и несовесно извршување на функцијата претседател на Врховниот суд на Република Македонија, на начин што тој во повеќе наврати на свои соговорници им изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред Врховниот суд, интервенирал кај други судии за предметите и давал сугестии за постапувањето.

Јавното обвинителство поседува аудиоматеријали од телефонски разговори, како и СМС-комуникација остварена од Софија Лаличиќ, судија во Основен суд Скопје 1 Скопје, кои не само што зборуваат за нејзиниот нелегитимен избор за судија туку зборуваат и за непостоењето на личен интегритет и кредибилитет како основен предуслов за вршење на судиската функција. Од содржината на поголем број телефонски разговори остварени пред изборот за судија на Софија Лаличиќ произлегува дека повеќе од една година пред да биде избрана за судија ѝ била ветена судиска функција“, се вели во посебниот извештај.

Посебниот извештај на СЈО може да се преземе на следниот линк.

М.В